Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со амбасадорот на Република Словенија во Македонија Грегор Прескер, на која се разговараше за актуелните реформски процеси во правосудството, законските измени и можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на правдата.
Како што стои во соопштението на Министерството за правда, Шасивари го запознал амбасадорот Прескер со подготовките за претстојните јавни расправи за новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка, а притоа била нагласена важноста на транспарентниот и инклузивен процес, со активно учество на стручната јавност, правосудните институции, академската заедница и граѓанскиот сектор.

На средбата, додаваат, се разговарало и за спроведувањето на реформската агенда со посебен осврт на активностите за зајакнување на институционалните капацитети, зголемување на ефикасноста и независноста на правосудството и унапредување на владеењето на правото.
Во соопштението се наведува и дека соговорниците ја истакнале важноста на размената на искуства и добри практики, особено во контекст на користењето на искуството на Словенија, како земја членка на Европската Унија во процесот на усогласување со европските стандарди.

