Полицијата од денеска ќе спроведува засилени мерки за забрана на запирање и паркирање на булеварот „Туристичка“, во пресрет на состанокот на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони, што на 27 ноември ќе се одржува во Охрид.
Мерките ќе ги спроведуваат полициските службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај – Охрид, со засилени контроли на двете страни од булеварот. Тие ќе ги предупредуваат сопствениците на патнички и други моторни возила дека е забрането запирање и паркирање, како и користење на една од коловозните ленти како паркинг-простор.
Засилените мерки ќе се интензивираат во пресрет на самитот и ќе ги опфатат и магистралните, регионалните и локалните патишта, како и останатите делови од градот. Од СВР Охрид најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за дополнителните активности.
Од полицијата апелираат до возачите да ги почитуваат насоките на полициските службеници.

