Камала Харис избра да патува со автобус низ Џорџија како нејзина прва кампања по демократската конвенција…
…Кампањата започна со бенд во средно училиште, каде што кандидатот Тим Волц зборуваше за „убавите“ работи во нивната кампања…
„Благодарен сум што сум дел од тим со навистина одличен тренер овде. И, вашиот следен претседател на САД, Камала Харис“, вели Волц.

Харис го пофали лидерството на младите во Џорџија.
„Се работи за вашата генерација и сето она за што вие се залагате. Сè што имате се става на коцка, а тоа е она што ќе ја придвижи нашата земја во следната ера на тоа што можеме да направиме и што можеме да бидеме“, вели Харис.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп водеше на политичките анкети во Џорџија во поголемиот дел од овој изборен циклус. Но, откако Џо Бајден излезе од трката, анкетите сега покажуваат дека Трамп и Харис се изедначени.
Потпретседателот на Трамп, Џеј-Ди Венс, беше во Џорџија минатата недела.
„Ќе го направиме тоа заедно, но само ако стигнеме до целта со ваша помош во Џорџија. Ова е една од најважните држави во САД“, рече Венс.
И Венс и Трамп водат голема кампања за, како што велат, неуспесите на економската и имиграциската политика…
… и двете работи за кои Трамп им кажа на гласачите во Џорџија дека се кривица на Харис.
„Со вашиот глас, инфлацијата ќе престане, илегалните мигранти ќе бидат вратени назад. Тие не влегуваат… а ние мораме да ги спречиме. Дали слушнавте што таа сега вели: „Ох, имавме многу добра граница... одлична“. Тие ја имаа најлошата граница во историјата“, рече Трамп.
Освојувањето на гласовите на републиканците на Трамп во Џорџија е комплицирано со неговото постојано осудување на популарниот републикански гувернер на државата Брајан Кемп, кој победи на реизборот пред две години и покрај примарниот предизвикувач поддржан од Трамп. Претходно овој месец, Трамп постојано ги обвинуваше Кемп и државниот секретар Бред Рафенспергер за неговиот пораз во Џорџија во 2020 година.
„Рафенспергер и Брајан Кемп, вашиот гувернер, кој патем го избрав, кој ако не бев јас, тој немаше да биде ваш гувернер. Мислам дека сите го знаат тоа. Тој е многу нелојална личност… да навистина, многу нелојален“, додаде Трамп.
Но, сепак со заострувањето на анкетите во Џорџија, Трамп минатата недела ја искористи својата страница на социјалните мрежи за да му се заблагодари на Кемп за сета негова „помош и поддршка во Џорџија“. Кемп треба да биде ко-домаќин за собирањето средства за Трамп во Атланта.
Големата порота во Џорџија минатата година го обвини Трамп и некои од неговите сојузници поради нивните обиди незаконски да се мешаат во изборните резултати во Џорџија во 2020 година. Адвокатите на Трамп оваа недела повторно апелираа за отфрлање на тие обвиненија.
Државниот изборен одбор на Џорџија во понеделникот одобри нови правила за кои критичарите велат дека може да го нарушат финализирањето на ноемвриските изборни резултати во државата. Двајца членови на одборот гласаа против промената. Тројцата членови на одборот што го усвоија, пак, беа поздравени од страна на Трамп како, цитирам, „питбули кои се борат за чесност, транспарентност и победа“.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон
