Од утре компаниите што имаат сметки во Алта банка – Битола ќе може да ги исплаќаат платите и придонесите за социјално осигурување кон УЈП, -рече денеска гувернерот Трајко Славески пред Комисијата за финансирање и буџет.
Моментно, како што напомена Славески, состојбата во Алта банка е значително стабилизирана, а за релатвно краток временски период се очекува и да се најде нов сопственик за банката да биде зачувана и да не отиде во стечај.
– Износот од 10.000 денари лимит што можеа да ги повлекуваат граѓаните беше определен врз основа на процена во почетокот и ликвидноста. Од оваа недела износот е зголемен на 15.000 денари, а корисниците на социјална помош во целост ги добија своите средства. Исто е и со пензионерите, кои имаат на располагање значителен дел од пензиите – истакна Славески, кој одговараше на прашањата што му ги поставија пратениците Сања Лукаревска, Ели Панова, Сашко Јанчев, Фериде Хаџиу и Павле Арсоски.
Според него, по изборите во Србија од 25 октомври до мерката за ставање на Алта банка Б- итола под администрација, во Македонија од Србија преку Алта банка се влезени само 16.000 евра, а од Македонија кон Србија се одлеани 180.000 евра. Тоа е, рече, резултат на редовно работење на клиентите на банката.
– Податоците покажуваат дека трансакциите на клиентите со Србија се во незначителни износи. Во 2025 година изнесувале 2,2 милиони евра, а 6,2 милиона заклучно со октомври 2026. Одливите од Македонија кон Србија изнесувале 5,3 милиони лани и 7,2 милиони до октоврми 2026. Овие трансакции се поврзани со редовното работење на банката – рече Славески.
Тој се осврна на целиот процес во врска со преземањето на Алта банка – Битола од Алта банка – Белград.
– Народната банка има со закон утврдени надлежности и обврски кога станува збор за давање согласност за лиценцирање банка. Во случајот со Алта банка – Битола беше искористен максималниот рок од три месеци и на четири нивоа се вршеа анализи на барањето за купување акции. Оценката на критериумите се изврши врз основа на официјално прибавени документи од надлежни институции. Во процесот на лиценцирање беа запазени сите чекори што ги налага законската регулатива. Се утврдија идентитетот на барателот, сопственичката структура и крајниот сопственик. Беше остварена директна комуникација со сите домашни и странски надлежни органи и институции. За сите лица беа направени проверки преку меѓународни глобални платформи за евентуална вклученост на барателите за купување акции во сомнителни трансакции – истакна гувернерот.
Славески напомена дека подносителот на барањето за стекнување акции и преземање на тогашната Стопанска банка – Битола немал забрана за вршење дејност.
– Народната банка на Србија, каде што се обративме и добивме писмено известување, за Алта банка – Белград ни даде недвосмислен одговор. Регулаторот не изрази загриженост дека не се почитуваат законските процеси од страна на работата на акционерот. Немаше загриженост ниту за неговата способност и подобност за работата. Средствата за купување се од редовното работење на Алта банка – Белград, кои се претходно проверени и верифицирани од независни ревизорски куќи и детално разгледани од наша страна, поголем проблем беше сопственчката структура на Стопанска банка АД Битола – потенцира гувернерот.
По Славески, треба да зборува министерката за финансии – Гордана Димитриеска-Кочоска.

