Седум студенти ќе станеле магистри и доктори на науки – без завршен факултет. Без комплетирани додипломски студии, тие се запишале на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, за што платиле од 2.000 до 6.000 евра.
Студентите сега ги бараат парите назад, откако Државниот просветен инспекторат констатирал неправилности и им ги поништил уписите, со што останале и без статус, но и без средства.
Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека Филозофскиот факултет веќе постапува по заклучоците на Инспекторатот, а таа ќе го почека конечниот извештај, по што ќе донесе финална одлука. Таа посочи дека одговорност ќе има кај студентите, но и кај сите кај кои ќе се утврди прекршување на законот.

„Констатирани се нерегуларности на Филозофскиот факултет, но не при упис на додипломски, туку при упис на втор и трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат постапуваше, донесе заклучоци и го информираше факултетот, кој треба да постапи. Колку што ми е познато, факултетот веќе постапува, а јас го очекувам конечниот извештај за, по истекот на рокот, да го донесам и конечното решение“, изјави Јаневска.
Од Државниот просветен инспекторат велат дека при надзорот утврдиле низа неправилности и отстапувања од законот. Констатирано е дека дел од студентите биле запишани на втор и трет циклус студии без да ги исполнуваат условите, односно без завршен прв циклус академски студии со најмалку 240 ЕКТС кредити. Наместо тоа, тие имале 180 ЕКТС кредити од стручни студии, комбинирани со 60 ЕКТС кредити од специјалистички студии (180+60), што не е дозволено согласно закон.
„За овие нерегуларности, како и за други пропусти во работењето на високообразовната установа, изготвен е записник со задолженија и донесени се решенија за постапување со соодветни рокови. По истекот на роковите ќе следи повторен инспекциски надзор за да се утврди дали е постапено. За вкупно седум студенти донесени се решенија за поништување на уписот и стекнатиот статус“, велат од Државниот просветен инспекторат.
Деканот на Филозофскиот факултет, Оливер Бакрески, кој во периодот на спорните уписи бил продекан, за попладнево најави прес-конференција на која треба да ги соопшти деталите за случајот.
