Осумнаесет повредени, од кои 13 хоспитализирани, пеплосани производствени погони и неколку магацини. Штетата од пожарот кој синоќа ја зафати фабриката „Макпрогрес“ во Виница е огромна.Брзата интервенција и мобилизација на надлежните сепак спречи поголема трагедија. Добрата вест е што сите хоспитализирани се во стабилна состојба. Дел од нив се во Кочани, а дел на скопските клиники. Меѓу нив има и осум вработени во компанијата кои се хиоспитализирани по битката со огнената стихија.
„Едни се задржани во Кочани, додека другите се препратени на клиниките во Скопје. Сите повредени во пожарот што се примени во кочанската болница се во стабилна состојба. Дел од повредените имаат изгореници на нозете, а дел инхалациони повреди од вдишување чад“, изјави Оливера Цимбаљевиќ, раководителка на Одделението за анестезиологија и реанимација во Општата болница – Кочани.
Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата, откако чизмите им се заглавиле во стопена смола од шеќер. Прво изгореле погоните со број 6, 7 и 8, по што огнот се проширил и кон други делови од фабриката. Штетата од пожарот е милионска и допрва ќе се утврдува. Се уште се нејасни и причините за катастрофата. Од стопанската комора се мобилизирани за поддршка и создавање услови за брзо враќање во функција на производството на компанијата, која е еден од поголемите извозници во државата. Најава за поддршка има и од Владата. Градоначалникот на Виница, Миле Петков, потврди дека соработката на сите служби била клучна за спречување на уште поголема катастрофа.
Компанијата која е основана пред 35 години важи за една од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија. Таа вработува околу 500 луѓе, а 75% од производството е наменето за извоз.

