Реклама
Прилози

Синдикатот на културата обвинува – министерот Љутков продолжува со намалување на платите во секторот, размислуваат за штрајк

Министерот за култура и туризам, Љутков на своја рака, спротивно на законот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Министерот за култура и туризам, Љутков на своја рака, спротивно на законот донел упатство за пресметка на плати со кое им се скратуваат правата на вработените во Култура, обвинија од Синдикатот. Според нив новото упатство, донесено на 9 декември минатата година, не носи ништо ново, туку само е продолжение на спорниот начин на пресметка, од април 2025 година, со кој платите на културните работници им се намалуваат за 3%. Од Синдикатот велат дека тие го обжалиле ваквиот начин на пресметка на плати на суд и дека веќе досега имаат добиено 15 пресуди. Најчудното во целата ситуација е тоа што министерот Љутков воопшто не ги зема во предвид судските пресуди и продолжува на ист начин со скратување на платите на вработените во културата, обвинуваат од синдикатот.

Во судските пресуди експлицитно се кажува дека вакиов начин на пресметка не е законски. И е спротивен на општиот колективен договор за јавен сектор. И сега по тие 15 судски пресуди, ние на 29 декември добиваме упатство за пресметка на плати, кои по ништо не се разликува по тоа во април месец 2025 година“, изјави Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.

Иако Владата на седницата од 9 декември дала јасни насоки платите да се пресметуваат согласно колективниот договор за култура и општиот колективен договор за јавен сектор, од Синдикатот велат дека министерот Љутков тоа не го испочитувал и на своја рака донел упатство кое повторно ги заобиколува законите.

Реклама

Министерството за култура има добиено насоки од Владата на Македонија од нацрт седница одржана на 9 декември 2025 година, каде им дава задача да направат упатство за пресметка на плати во култура, меѓутоа пишува убаво таму согласно  колективниот договор за култура и општиот колективен договор за јавен сектор. Во ова упатство повторно не е испочитуван општиот колективен договор за јавен сектор“, изјави Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.

Дополнителен проблем, според Синдикатот, е целосното отсуство на социјален дијалог. Велат дека не биле повикани на никакви преговори, иако станува збор за стотици судски процеси и сериозни финансиски импликации за државата. За овие обвинувања од синдикатот, министерот не сакаше да одговори зошто новото упатство е донесено без да ја свика Комисијата за толкување на општиот колективен договор, како што било наложено од Владата. Советот на Синдикатот на културата ќе заседава во наредните денови, по што ќе одлучат дали ќе започнат со штрајк. Велат дека правната борба ќе ја продолжат, сè до целосно почитување на колективните договори.