Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска организираше свечен прием на одбојкарите на УГД Штип, по повод нивниот историски успех – освојувањето на двојната круна и првата шампионска титула во Македонија.
-Во своето обраќање, градоначалникот упати искрени честитки до одбојкарите, стручниот штаб и раководството на клубот, нагласувајќи дека станува збор за успех од исклучително значење за градот- соопштуваат од општина Штип.
Јорданов ги истакнал нивните резултати на национално и меѓународно ниво, потенцирајќи дека посветеноста, дисциплината и тимскиот дух се клучот за ваквите достигнувања.


Штипскиот градоначалник на одбојкарите им најавил дека од следната сезона натпреварите ќе се играат во спортскиот центар „Џексон“, кој, како што посочил, ќе прерасне во вистински храм на одбојката и ќе претставува предност за тимот во претстојните предизвици.
Имајќи предвид дека освојувањето на двојната круна претставува историски успех за УГД Штип и значаен момент за штипскиот спорт, Јорданов истакнал дека Општината ќе продолжи со поддршка за спортот, останувајќи силен партнер во создавањето нови успеси и во градењето на спортската историја на градот.
