Скандалозна одлука на МОН, односно на македонската Влада. Согласно Програмата за изградба и реконструкција на основните и средните училишта за 2024 година, Владата на шест прилепски училишта им одобрила вкупно околу 1.000 евра, или по само 150 евра за секое училиште. Оваа навредлива и срамно-понижувачка сума, а која деновиве е објавена и во Службен весник, крајно ги изреволтира директорите на училиштата. Велат, на конкурсот кој бил распишан уште лани во мај, тие конкурирале со комплетно готови проекти за реконструкција на училиштата во кои јасно била наведена и финансиската рамка, а надлежната Комисија при МОН немала никакви забелешки.
- „Ова што го добивме е невиден срам. Скандал и понижување од невидени размери. И за училиштата, но и за учениците и родителите. Ние, на пример, за нашите два проекта: термо-фасада на училиштето, и санација и поставување на фотоволтаици на кровот, ја доставивме целата потребна документација. Јасно ја напишавме и финансиската контрукција, која изнесуваше вкупно 200.000 евра, 80.000 евра за фасадата и 120.000 за кровот. Само изработката на проектите на кои работевме неколку месеци, не’ чинеше околу 4.000 евра. А што добивме ?! Мизерни 10.000 денари кои, да не бидам вулгарен, но ние ги трошиме за тоалетна хартија на месечно ниво“, – ни изјави за Алфа, Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“, Прилеп.
Иронијата да биде поголема, од вкупниот државен колач предвиден за оваа намена за сите училишта во земјава во вредност од 4 милиони евра, на извесни училишта во соседната руралната општина Долнени, им биле доделени по неверојатни 28 милиони денари.
Инаку, од Прилеп со свои проекти конкурирале три основни и три средни училишта и сите ја добиле истата бедна сума од само 150 евра.

Каролина Дурло
