Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за европски прашања Беким Сали денеска учествуваше на министерскиот состанок за европска интеграција во Тирана, во рамки на Самитот за Планот за раст на Западен Балкан.
– На сесијата посветена на постигнувањето резултати и забрзувањето на спроведувањето, Сали го презентираше напредокот на Северна Македонија во реализацијата на реформската агенда. Тој истакна дека земјата обезбедила 142,1 милиони евра од инструментот за реформи и раст, а 22 реформски чекори, со проценета бруто-вредност од над 112 милиони евра се пријавени во четвртото барање за средства и чекаат оцена од Европската комисија – се наведува во соопштението од Министерството за европски прашања.
Министерот нагласил дека придобивките од интеграцијата веќе се мерливи. До септември 2026 година, преку Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) се реализирани над 581 илјада трансакции, во вредност од околу 11 милијарди евра, со проценети заштеди од над 5 милиони евра.
Во обраќањето Сали ставил акцент и на модернизацијата на граничните премини Деве Баир, Блаце и Богородица во рамки на иницијативата Зелени коридори, интеграцијата во европските синџири на вредност, усогласувањето на индустриските стандарди, дигитализацијата и одржливиот туризам. Тој ги презентирал резултатите од WiFi4WB, со над 204 илјади уникатни корисници, како и потенцијалот на иницијативите DigitMAK и Везилка за дигитална трансформација и вештачка интелигенција.

Сали ја нагласил потребата од предвидлива финансиска поддршка и по 2027 година и од потесно поврзување на реформите, инвестициите и пристапот до единствениот европски пазар. Тој потврдил дека постепената интеграција и регионалната соработка треба да го зајакнат пристапниот процес заснован на заслуги, а полноправното членство во Европската Унија останува стратешка цел на земјата.

