Легитимитет во демократија, во унитарна држава дава бројката во Собранието од 61 пратеник. Ако имате 61 пратеник вие имате легитимитет. И во 2017 година таа Влада немаше легитимитет, па беше избрана. ВМРО-ДПМНЕ отиде во опозиција. Вие бевте кратко време во Владата, потоа ја напуштивте, но тоа е друга тема. И тогаш се прекрши правилото победник со победник. Тоа беше непишано правило. Не го прекрши ВМРО-ДПМНЕ. Некој друг – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со легитимитетот на неговата Влада поставено од пратеникот Зијадин Села од Алијанса на Албанците.
Села го праша премиерот за легимитетот на оваа Влада и правилото за составување влада победник со победник на парламентарните избори, а зборуваше и за вработувањата на Албанците и за тоа дека според пописот тие биле 30 проценти од населението во државата.
Мицкоски потсети на локалните избори во 2021 година и кога тие направиле коалиција во Град Скопје, кога друг бил победник.
– Мислам дека потпалувачката реторика не е добра. Јас сум подготвен да разговарам за која била тема, со исклучок на темата со потпалувачка, националитичка реторика. Потпалувачки теми. Зошто ова ви го кажувам? Затоа што ако ги гледаме ресурсите коишто денеска се трошат во државата, 70 проценти од тие ресурси се трошат во средини каде што имаме мнозинско албанско население – рече премиерот.
Посочи дека се гради автопат Блаце – Скопје, автопат Тетово – Гостивар – Букојчани – Кичево, се гради универзитет Мајка Тереза, се градат улици, пречиститечни станици во Тетово, Гостивар, Врапчиште, обиколница околу Тетово, се проектира тунел за експресниот пат Призрен – Тетово.
– И можам да ви ги редам проект по проект, но тоа не е суштината. Суштината е колку ние сме лојални кон оваа држава што ни овозможила бесплатно да се школуваме, бесплатно здравствено осигурување, која ни овозможила да се формираме како личности и таа одговорност на локалност ја имаме и во кажаниот збор. Апсолутно Владата има легитимитет, којшто јас низ мојата политичка оптика го гледам во услови да работи чесно и за Македонците, и за Албанците, и за останатите граѓани од другите етнички заедници. Да развива проекти, да зголемува пензии, да зголемува плати, да отвора нови работни места врз основа на нивните компетенции и квалификации за сите – рече Мицкоски.
Ценам дека како претседател на Владата на сите граѓани, додаде тој, правам и повеќе од што можам за таа етничка кохезија да функционира.
– Оваа ваша дилема околу легитимитетот, мислам дека во овие две години требаше да ја научиме како лекција и да не ја повторуваме истата грешка – рече Мицкоски.
Во однос на легитимитетот на Владата, Мицкоски рече дека тоа е теза без многу суштина, бидејќи ја слушаме две и пол години, а во врска со процентите нагласи дека не може да се согласи со пратеникот.
– Инаку, со процентите не можеме да се сложиме, бидејќи јас принципиелно процентите не ги гледам како проценти, туку како луѓе, а второ мислам дека подобра страна кај мене е математиката отколку кај вас – истакна Мицкоски.
Во овие повеќе од три и пол децении плурализам, демократија, додаде тој, носени се најразлични одлуки коишто некогаш биле добри, некогаш лоши, некогаш можеле да се толкуваат вака или така. Но, потенцираше премиерот Мицкоски „имало одлуки во коишто можеби како никогаш досега се мајоризирал гласот на мнозинството кога се одлучувало за неговиот идентитет“.
– Еве, ќе ви дадам еден таков пример: се промени името на државата со малцинството од мнозинството. И овде во Собранието, уставното име на државата се промени. Се прифаќаа договори без поддршка на мнозинството во оваа држава. Ова не ви го кажувам за да ви реплицирам на тоа што го кажавте. Ова ви го кажувам само за да ви кажам дека тоа нема никаква врска со тоа што вие го кажувате, затоа што овие работи оставаат трајни последици и тогаш наместо ние помеѓу себе, коишто сме родени тука, кои што живееме, кои благодарение на оваа земја сме израснале во зрели, млади, постари, повозрасни, посериозни луѓе итн. да седнеме и да се договориме за клучните прашања, ние не можеме да се договориме затоа што, ете, понекогаш се случуваат и такви политичари кои носат такви одлуки. Но, тие одлуки имаат трајни последици – рече Мицковски.

Второто прашање на Села беше во врска со законот за правична застапеност. Мицкоски потсети дека законот е резултат на одлука на претходната Влада за која балансерот бил веќе завршена работа, оти е повеќе товар, треба да се избрише, и да се премине кон еден поинаков начин на функционирање.
– Тоа е од претходната Влада. Седницата ја водел тогашниот прв потпретседател на Владата – рече Мицкоски.

