Проблемот со изградбата на канализацискиот систем за пет села во Струшко настанал поради отстапувања од основниот проект, диви приклучоци и нерешени имотно-правни односи во времето на поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко. Ова го изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање од Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
Николоски рече дека Општина Струга добила средства од Европската инвестициска банка за поврзување на пет села со канализациски систем, кој треба да завршува во пречистителната станица во Враништа.
– Точно е ова што го кажа господинот Зијадин Села дека е потпишан договор со ЕИБ за водоводни и канализациони системи во различни општини. И точно е дека Општина Струга има добиено средства за поврзување на пет села со канализација која треба да завршува во пречистителната станица во Враниште. Во време кога бил градоначалник Села проектот е изработен, а во 2015 година исто така е потпишан и договор за изградба. Точно со „Гранит“ е потпишан – истакна вицепремиерот.
Според Николоски, проблемите настанале по промената на локалната власт, кога, како што вели, биле дозволени приклучоци што не биле предвидени со проектот, а дополнително била направена и мешавина од атмосферска и фекална канализација, иако проектот предвидувал само фекална канализација.
– Проблемот настанува откако имало промена во локалната самоуправа. Вашиот наследник господинот Рамиз Мерко… зошто знае тој … и ова ни е една од поголемите главоболки и мислам дека нема да остане само на одговори и прашања, затоа што ние случајот го имаме и документирано и предадено на соодветни истражни органи. Тоа е дел од едно 20 пријави што ги поднесовме – рече Николоски.
Како дополнителен проблем го посочи и нерешавањето на имотно-правните односи во селото Ложани, каде што жителите не дозволуваат трасата да поминува низ нивните дворови.
Николоски информираше дека актуелниот градоначалник на Струга се согласил Општината да го преземе довршувањето на проектот, со цел да се надминат проблемите и да се овозможи поврзување на петте села со пречистителната станица во Враништа.

