Стравувањата дека гласачките ливчиња на локалните избори ќе бидат долги речиси еден метар – не се остварија. На 1 септември на полноќ заврши рокот за собирање потписи за независни кандидатури, а бројките се сепак во нормала и не се доволни за да создадат хаос на изборниот ден. Во Државната изборна комисија се пријавени 69 независни кандидати за градоначалници во 37 општини и во градот Скопје, како и 68 независни советнички листи во 34 општини. Во главниот град, се кандидирале петтмина независни кандидати, и ако на нив се додадат шестмината предложени од политичките партии, вкупната бројка до сега изнесува 11. Но, рокот за доставување на кандидатури од партиите таре до 13 спемтеври, така што оваа бројка може да порасне. Најмногу независни кандидати во Македонија има во Прилеп – седуммина, ако се додат и каддитатите на партиите, таму на личвето би можело да има дури 15-тина имиња. По петмина кои собрале потписи ќе се борат и во Струга и Демир Хисар, а за советничките листи, најголем интерес има во Македонски Брод, Кавадарци и Охрид, каде по 4–5 независни листи ќе се натпреваруваат за советничките места. Во други триесетина општини ќе има по еден или двајца независни кандидати.
Од ДИК велат дека бројката на кандидати за градоначалници е помала во однос на минатите избори и не очекуваат дополнителни технички и организациски потешкотии во изборниот процес.
„Бројката на кандидати за градоначалници е помала во однос на минатите локални избори и ДИК може да гарантира дека гласачките ливчиња ќе бидат прегледни и разбирливи за граѓаните“, велат од ДИК.
Иако само два потписи беа доволни за да се пријави кандидатура, дел од независните собираат и поширока поддршка за формирање на политички партии. Од платформата на „Независните“ составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групацијата 389“, велат дека досега имаат собрано околу 800 потписи, а им се потребни уште 200 за формирање на полтичка партија. Но, за да не го пропуштат рокот во случај да не успеат да ги соберат доволниот број потписи, веќе ги доставија кандидатурите како независни кандидати за што им беа потребни само 2 потписи за еден кандидат.
„Ние тој први септември моравме да го испочитуваме, бидејќи судот има две недели за регистрација на политичка партија за да не го испуштиме тој рок ние си ги поднесовме листите како независни, ама секако ќе си поднесме и за регистрација на партија во моментот кога ќе дојдеме до 1000 потписи и кога ќе ја спремиме целокупната документација“, вели Јана Белчева од „Независни заедно“.
И од „Зелен хуман град“ најавија дека ќе предложат своја кандидатка за Град Скопје, но таа неколку часа пред да биде објавено нејзиното име се повлече, наводно поради здравствени причини.
И независните и партиските кандидати за градоначалници и за советници мораат до 13 септември, полноќ да поднесат комплетни листи со целата документација до општинските изборни комисии. Само тогаш ќе добијат официјална потврда за учество на изборите. На 11 септември завршува увидот во избирачкиот список, а два дена подоцна ќе се знае конечниот список на кандидати.

