Обдукциските наоди се нецелосни и да се направат дополнителни токсиколошки анализи бараат родителите на загинагите во кочанското кабаре „Пулс“. Според нив, постои сомнеж дека во телата на жртвите имало цијанид, како последица на согорување на материјалите во клубот, но тоа не било испитано. Форензичките анализи на МВР не ја потврдиле можноста за цијанид, иако тоа било наведено како ризик, тврди Александар Наунов од Здружението на граѓани „16 март“.
- „Кај поголемиот дел од починатите вредноста на јаглерод моноксид биле ниски и нефатални што е медицински несоодветно за заклучок – смрт од јаглерод моноксид. Фактот што државните институции потврдуваат можност за присуство на цијанидни гасови, а достапен доказ дека овие гасови биле анализрини во телата на жртвите, тоа е сериозен медицински и правен јаз. Судир меѓу институционални наоди. Се додека не се објават сите токсиколошки анализи не може да се утврди со сигурност причината за смрт. Обдукцискиот наод е нецелосен, постои можност за дополнително и независно вештачење“ – рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова и претседател на Здружението на граѓани „16 март“.
Од обвинителството одговараат дека со обдукцијата било утврдено дека причина за смртта е комбинација од јаглерод моноксид и други отровни гасови, но сепак децисно тврдат дека ниту употреба на различна терапија немало да влијае на спасување на нивните животи.
- „Вештачењата на Институтот за хемија и анализата на МВР-ОФИ врз примероци од сите материјали вградени во клубот и начинот на нивно согорување ја потврдија веројатноста за испуштање на цијанидни гасови како последица на пожарот. Дополнително, обвинителството бараше од Институтот за судска медицина да се произнесе и околу фактот дали со дополнителна кислородна или друга терапија би биле спасени дел од жртвите. Притоа е добиен дециден одговор дека: „Употребата на таква терапија немало да влијае врз спасување на нивните животи…“, велат од ОЈО.
Судскиот процес продолжи со последните воведни зборови на обвинетите. Александар Нацев кој се товари како реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, рече дека Обвинителството се обидува да ја префрли вината врз „Рубикон“ за одговорноста што всушност ја имале државните институции.

- „Морам да констатирам дека дури еден Џорџ Орвел би можел да позавиди на ваквата кнструкција. Токму затоа, во текот на ова судење ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности, кои јавно ќе укажат на отсуството на каква било вина кај мене, или каква било т.н. каузална поврзаност со трагичниот настан за време на кој јас воопшто не бев присутен во земјата“ – рече Нацев.
Нема доказ за однос, комуникација, меѓу Нацев и сопственикот, па нејасно е како, според обвинителството, тој требало да даде насоки и да изготви план за обезбедување, рече неговиот адвокат.
- „Нацев не дејствувал како реален сопатвеник во ’Рубикон’. Фактите укажуваат дека припадниците на обезбедувањето не биле задолжени да вршат контрола на бројот на гости да вршат проверка на безбедносната опрема, проверка на исправноста на влезови и излези и да достави план за безбедност“, рече Стојчев.
Инаку, досега сите обвинети негираа вина за трагичниот пожар кој зеде 63 жртви.
