Помина времето на свиткани кичми и корумпирани политичари, долго време Македонија и регионот беа заложници на минатото но пред нас се многу подобри времиња на просперитет, стабилност, соработка и меѓусебна поддршка. Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон ги потврди позициите на неговата Влада која како што вели ќе го врати изгубеното достоинство кое изминатите седум години беше потонато, бидејќи низ светот не претставувале политичари кои биле подготвени да продадат се.
Долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината и она кое што следи со иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме. Тоа е она кое што го очекуваат граѓаните од нас, и тоа е она на кое што јас како претседател на Владата ќе бидам фокусиран во годините кои што следат. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме изјави премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон.
За време на престојот во Вашингтон, премиерот и министерската тројка остварија бројни средби. Мицкоскиразговараше со колегите од Црна Гора, Унгарија, Албанија, Италија, Шпанија, имаше средба и со хрватскиот претседател… Кусо поразговарал и со техничкиот премиер на Бугарија, Димитар Главчев. Двајцата констатирале дека треба да се релаксираат и нормализираат односите, и наместо да се отвораат теми од минатото, да се направат напори за враќање на меѓусебната доверба.

И за време на средбите но и во официјалните делови од НАТО Самитот, шефот на македонската влада порачал дека сојузниците мора да соработуваат во духот на меѓународното право, и рамо до рамо да се соочат со сите предизвици. Укажувајќи на важноста од овој Самит, Мицкоски рече дека деновиве се носат одлуки кои ќе ја моделираат иднината на човештвото.
За нас, како мала нација, важно е да донесеме значајни одлуки кои ќе ја обликуваат иднината на човештвото. Македонија како земја планира да продолжи да ги промовира ваквите вредности. Како македонска влада стоиме покрај нашите сојузници и ја афирмираме слободарската слобода на македонскиот народ и граѓани, додаде Мицкоски.
На вториот ден од Самитот, откако американскиот претседател Бајден и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг официјално ги пречекаа лидерите на земјите членки на НАТО, и по завршувањето на работната сесија, шефовите на држави и влади се упатија во Белата куќа на вечера која ја организираа претседателот и првата дама на САД.
НАТО Самитот на кој се одбележа 75-годишнината од основањето на најмоќниот воено-политички сојуз помина во знакот на поддршката за Украина но и сеќавање на потпишувањето на Вашингтонскиот договор на кој документ се потпишале луѓе кои, како што рече шефот на НАТО, добро го знаеле ужасот и страдањата од двете светски војни. Во нивна чест, лидерите се заложија на мир, за никогаш да не се запорави страшната човечка цена на војната.
