Доналд Трамп, синоќа, не губеше време. Повеќе од само неколку часа по инаугурацијата, потпиша низa извршни одредби со кои новата администрација дава нови насоки во речиси сите пори на американското општество, почнувајќи од енергија, имиграција, па до помилувања, федерална ефикасност и родови слободи.
Трамп помилува околу 1.500 луѓе кои упаднаа во американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година. Се работи за лица кои ја нападнаа полицијата во обид да влезат во Конгресот и да ги спречат законодавците да го потврдат неговиот изборен пораз во 2020 година.
Трамп потпиша наредби за прогласување на национална вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико, а со цел да се спречи илегалната имиграција. Им го одзеде и правото на државјанство на децата на илегалните имигранти родени во САД, и по втор пат ги исклучи САД од Парискиот климатски договор и Светската здравствена организација. „Светската здравствена организација не ограбува, но тоа, повеќе – нема да се случи“, рече Трамп.

И „Тик-Ток“, ја почувствува милоста на Доналд Трамп. Новиот американски претседател, потпиша декрет, со кој го одложи, за 75 дена, стапувањето во сила на законот за забрана на апликацијата. „Тик-Ток“ ги згасна своите услуги во САД, откако Врховниот суд, во петокот, го поддржа законот за негова забрана, но синоќа повторно стана достапен.
Американските власти сметаа дека кинеската компанија „Бајт-Денс“, која е сопственик на „Тик-Ток“, ја злоупотребува апликацијата за да ги шпионира корисниците. Трамп предложи САД да бидат 50-процентни сопственици на „Тик-Ток“. Кинеската компанија претходно категорично ја отфрли можноста за продажба и во овој став имаше поддршка од Пекинг.
Трамп, исто така, ги укина извршните наредби кои промовираа трансродова различност, правичност и инклузија. Според една од одредбите, федералната влада ќе признава само два непроменливи пола: машки и женски. И тие треба да се дефинираат врз основа на тоа дали луѓето се родени со јајце клетки или сперматозоиди, наместо според структурата на нивните хромозоми.
