Ако во рок од осум работни дена не добиеме валидни документи со кои ќе не’ уверат дека минирањата и ископите во атарот не селото Оревоец не ги загрозуваат единствените четири природни градски извори на вода, ние секојдневно ќе го блокираме патот и правдата ќе ја бараме на суд“. Ова е денешното предупредување на жителите од елитното село Оревоец каде си имаат изградено луксузни куќи и вили, вредни и по неколку стотици илјади евра, до „Бехтел и Енка“ и до ЈПДП, а кои веќе еден месец овде вршат минирања за ископ на тампон-материјали за изградба на Коридорите 8 и 10Д.
„Овие веќе ја исекоа шумата и дојдоа на само стотина метри од селото за да отворат нов рудник. Како што тргнале и в село ќе ни влезат. Се’ ќe уништат, и извори, и животински, и растителен свет. Ова, уште им е само подготовка, екоцидот ќе следува допрва. Испративме писма и до ЈПДП и до „Бехтел и Енка“, бараме објаснувања, бараме цврсти гаранции дека ова не е и еколошко, и културно, и материјално уништување и на природата, но и наше. На одговорот чекаме се’ уште, па си ангажиравме и адвокат“ – вели Рубин Рујаноски.
Од ЈП за ДП, пак се правдаат дека се’ било законски. „Ископот во близина на с. Оревоец се врши врз основа на добиена концесија за експлоатација на минерални суровини, технички градежен камен за потребите на двата Коридори, како Паневропски патни коридори од стратешки интерес, согласно чл.40-а од Законот за минерални суровини. Сите работи во врска со ископот се вршат после добиени лиценци и одобренија, и експлоатацијата ќе се врши до завршувањето на изградбата на Коридорите“, – стои во соопштението од ЈП за ДП.

Ореовчани својот глас го кренаа уште пред десетина дена, блокирајќи ги патот до градилиштето и тешката механизација.
„Единствените четири извори од кои нашиот град се напојува со вода се наоѓаат во пазувите на оваа Бабуна планина. Ние не знаеме кој им потпишал, но ние знаеме дека некој ни чепка во водата што ја имаме за пиење“, – кажа Ѓорѓи Ѓорѓиески, член на Комитетот за заштита на природното и културно наследство на Македонија.
Инаку, ова не е прв бунт на месно население против базните ископи на „Бехтел и Енка“. Пред неколку месеци, на протест излегоа и жителите од селото Беровци кои тврдеа дека на нивните имоти требало да никнат асфалтни и бетонски бази. После протестите, ископите на базите, овде засега се стопирани.
Каролина Дурло
