Процедурата за формирање две нови министерства и реорганизација на дел од постоечките и официјално започнува. Пред да ги достави имињата со новиот предлог кабинет и ден пред да го добие мандатот од претседателката, идниот премиер во Собранието поднесе предлог измени за работата на органите на државната управа. Министерство за енергетика и министерство за спорт, и поразлична распределба на секторите во владата според Христијан Мицкоски ќе придонесе за поголема ефикасност во работата на институциите.Законот за кој е потребно двотретинско мнозинство се очекува на седница да се најде во петок, а веќе во понеделник на се гласа.
Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада што ќе спроведе реформи. Суштината на огромната доверба од граѓаните е политиките кои што треба идната влада да ги спроведе за да има владеење на правото, да нема граѓани од втор ред, да се зајакне економијата, учениците да имаат учебници на почетокот на годината, во здравството да има услови, за земјоделците субвенции и се она што сме ветувале во програмата. За се ова да се спроведе е потребно да се донесат измените и реорганизација на ресорите на Владата, изјави Мицкоски.
Во меѓувреме, финишираат преговорите за состав на идната влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ И ВРЕДИ. Мицкоски очекува идната влада да биде изгласана пред крајниот рок што е дефиниран согласно Уставот и законите.

Преговорите се веќе завршени во одредена мера, во делот на формирање на владините ресори, преговорите се завршени и во делот на третиот ешалон, денеска истите уште еднаш треба да бидат потврдени, така што очекувам утре претседателот Сиљановска да го даде мандатот на јасно декларираното мнозинство, кое беше јасно декларирано при изборот на Гаши за претседател на Собранието, очекувам час поскоро да го поднесам составот на членови на идната влада, малку се размислуваме поради одредени верски празници кои се пред нас, Задушница и Рамазан, исто така и роденденот на ВМРО-ДПМНЕ 17 јуни, така што имаме неколку работи коишто треба да ги договориме во периодот што следи, но секако дека очекувам идната влада да биде изгласана пред крајниот рок што е дефиниран согласно закон и Устав – рече Мицкоски.
Во врска со реакциите од Грција за некористењето на новото уставно име Христијан Мицкоски рече дека не очекува талибански однос и цензурирање бидејќи негово човеково право е како ќе си ја нарекува татковината, без притоа да го прекрши Преспанскиот договор кој веќе е дел од нашиот правен систем.
