Од обвинувања за нови задолжувања и недостаток на мерки до јавни пресметки која влада направила поголем долг. Ескалираше вербалната расправија во собранието меѓу пратениците од власта и опозицијата. СДСМ велат дека со новото задолжување од 260 милиони евра кај странски банки, должничкото ропство е пред прагот. Заменик министерот за финансии смета дека е неодговорно да се обвинува за пари кои биле планирани уште лани при носење на буџетот, кои се земени под најповолни услови, а ќе се користат за продуктивни цели.
Пратениците од СДСМ критикуваа и дека власта не вовела доволно мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните во услови на нафтена криза. Министерот за економија образложи дека ситуацијата секојдневно се следи и наместо популистички мерки, се размислува за подолгорочна помош.
Пратениците пред два дена ја разгледаа Фискалната стратегија 2027-2031 година. Таа предвидува фискална консолидација, економски раст од околу 4% на среден рок, инфлација од 2% и намалување на јавниот долг на 58,5% од БДП до 2031-вата година.
