Со исхрана од риби уловени од дојранските рибари или од туристите, повредениот пеликан од Дојран ја помина првата недела од заздравувањето, откако ветеринарна амбуланта од Богданци му укажа медицинска помош за прострелната рана.
Посетителите од кампот до плажата „Стејџ“ раскажуваат дека цела недела пеликанот се одомаќинил покрај нивниот брег, чекајќи храна од рибарите или од туристите кои рекреативно рибарат. Меѓу нив е и скопјанката Силвана Костова, која најмногу се зближила со оваа птица.

Силвана неодамна објави видео на социјалните мрежи кадешто го гали пеликанот и упати јавен апел да се најде некој што би ја заменил во ранењето на птицата бидејќи кон крајот на неделата си заминува за Скопје.
Таа раскажува дека на почетокот пеликанот се тргал од луѓето, не покажувал доверба, и стоел настрана. Но полека ја здобил довербата, посебно кон неа, бидејќи таа најчесто му обезбедувала по некое свежо рипче.
– Денес го нема, а тука спиеше секоја вечер. По мене одеше насекаде, а и по другите кампери овде. Влегуваше во водата кога се бањавме, секаде одеше по мене. Навечер дури и во дворчето ми влезе, дотолку се припитоми, но потоа кога отидов до аптека и се вратив веќе го немаше. Денес цел ден го нема. Го барав насекаде, ни недостасува, бидејќи се навикнав на него, но изгледа подобро е и затоа летнал – вели Костова.

Таа се сеќава каков бил првите денови кога го забележале на брегот, целиот стуткан, без да се поместува.
– Првпат го видов долу на брегот кај чамците, каде што излегуваат рибарите. Беше целиот стуткан, не мрдаше, и си реков ова пилево готово е. Потоа се досетив, мажот ми фаќа по некое рипче, така како хоби, а имам и мачка во дворот, чувам по некое за неа, па си реков ајде да му дадам. Потоа забележав како да се подобри малку. Од тогаш почна секој ден да доаѓа, наутро, на ручек, навечер – раскажува Силвана.
Наскоро птицата станала нејзин верен придружник и ја следела насекаде.
– Малку по малку почна и во вода да влегува со мене, ќе плеснам со рацете да ме следи и тој ме слуша. А вчера, пак, ми беше ставена лежалката надвор, тој дојде до мене и легна тука да спие, како право милениче. Кога станував, веднаш и тој тргнуваше по мене, одеше и бараше риби во кофичката каде обично му фрлавме по нешто од уловеното. Јас толку се грижев, што и од рибите што ги имав во фрижидерот му одмрзнував по една и му давав. Полека почна и да плива со мене кога ќе влезев во езеро, насекаде одеше по мене. Луѓето од кампот ми велеа – Леле овој се по тебе оди. Ќе му речам – дојди и тој иде, ме слуша – вели Костова.

Таа слушнала од соседите дека пред да дојде овде, птицата била прегледана и лекувана од ветеринар, но не била присутна кога тоа се случило.
– Пред некој ден дојде и еден од постарите искусни рибари и му донесе 4 поголеми риби, а јас претходните денови веќе му имав дадено 13-тина риби, најчесто караш и црвеноперка. Како што му ги даваше големите риби, пеликанот трчаше по него чекајќи уште, значи лаком беше. Еден рибар ми кажуваше дека пеликаните сакале рибите да му ги украдат, тие така и правеле, а посебно го сакале крапот. Рибарите може да им фрлат по некој караш, но пеликаните се борат да ги земат краповите – вели низ смеа таа.
Силвана посочува дека за краткото време во кое бил гостин, пеликанот многу се припитомил, така што таа успеала да го гали, а по неа и комшиката кога почнала да му дава храна успеала да му се приближи, иако на почетокот се плашела.

Наспроти грижата на скопјанката Силвана дека пеликанот е веќе заминат, истиот ден на шеталиштето во Стар Дојран птицата можеше повторно да се забележи, а бројни минувачи запираа за да се сликаат со неа. Овој пат, таа беше во друштво на неколку дечиња кои разбрале за случајот со повредениот пеликан и се трудеа на секој можен начин да му фрлат жапче или мала рибичка во долгиот клун, која ќе ја фатат со нивните мрежи.
Пеликанот со повреда од прострелна рана две недели луташе по вода или по копно, невообичаено блиску до луѓе и беше постојано забележуван од домашните и странски туристи, како и од мештаните. По рекациите на загрижени минувачи, ветеринарот Ристо Ичков од Богданци, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, излезе на терен и ја прегледа птицата. Ичков тогаш изјави дека за среќа пеликанот нема повредено крило, ниту нога, како што претходно се шпекулираше. Тој тогаш напомена дека птицата која најверојатно е застрелана под десното крило, добила антибиотик и витамини.

– За сега со помош на локалните власти и мештаните се обезбеди посебно место, мандра на крајбрежјето каде работи концесионерот на езерото, таму редовно има риби и птицата ќе може да биде снабдувана со храна. И понатаму ќе го следиме, ако треба нешто дополнително да му се пружи како грижа, посочи ветеринарот Ичков.
Подоцна на социјалните мрежи беше објавено ново видео од Тања Ололовска Ристевска, раководител на секторот за инспекциски надзор во Агенцијата за храна и ветеринарство, која изјави дека од оваа институција се вклучиле како посредник во случајот, со оглед на тоа што дивите животни не се во нивна надлежност. Во новото видео се гледа подобрувањето на птицата, а Ололовска Ристевска информира дека птицата повторно примила терапија и дека е земена крв за анализа.
Во општите достапни информации за пеликанот се вели дека тој припаѓа на семејството на големи водни птици, од кои постојат повеќе видови, со различна тежина која може да се движи од над 3 до 12 килограми и со распон на крилјата кој достигнува до неколку метри. Живеат, се хранат и размножуваат во јата, во лет правејќи ја познатата V формација. За нив важи правилото дека на земјата се тромави, но добро пливаат и многу високо летаат. Кога достигнуваат полова зрелост бојата на лицето им се менува во розова кај мажјаците и портакалова кај женките. Во сезоната на парење ја менуваат бојата на клунот, во поинтензивна жолта, портокалова или црвена. Храната ја ловат заеднички, но и со други водни животни, при што пленот го здогледуваат во лет, слетуваат во полукруг со раширени крилја и ги опкружуваат исплашените риби, а дневно се хранат со килограм до килограм и половина улов.

