Уште еден случај со морбили, петти по ред, е регистриран во државата, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Станува збор за едно ипол годишно бебе. Со тоа морбили во државава се потврдени кај вкупно три бебиња и еден маж на возраст од 45 години македонски државјани, и кај еден државјанин на Косово.
– Имаме поврзаност прелиминарна помеѓу странскиот државјанин и тие трите домашни случаи меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје биде готова и да го кажеме тоа службено – рече Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот Закон за лекови, што ја организираше Министерството за здравство во соработка со СЗО.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе повика на масовна вакцинација, дали ќе побара проверка на вакциналните картони и дополнително повикување на невакцинираните деца, Клековски рече дека постојано повикува на свеста и самосвеста на граѓаните и не верува во присилни мерки, бидејќи тие само го зголемуваат отпорот кон вакцинирањето.
Тој посочи дека секој треба за себе и за своите блиски да провери дали има две дози на вакцина или прележал. Потенцира дека има прележано морбили на 15 години и многу тешко ги прележал сипаниците и затоа препорачува на сите да се вакцинираат за да не ја поминат тешко таа болест.
– Издадовме препорака ако се појават тие знаци што се типични за сипаница да не одат на доктор, туку да се јават на доктор бидејќи ова е еден од најзаразните вируси и опстојува два часа заразноста во воздухот, така што престој во заразени лица во чекална во ходници на здравствени установи е значаен ризик за настанување на епидемија. Молбата е до родителите кога ќе ги видат тие симптоми што ги објавивме да не ги носат децата во градинки во училишта. Повикот за вакцинирање е за да се заштитат тие што не можат да се вакцинираат. Значи бебињата до 12 месеци не можат да се вакцинираат. Имаме постојано една група од 15-тина илјади бебиња кои се во одреден ризик. Секако и поповозрасната популација што не е вакцинирана – истакна Клековски.
Тој посочи дека докажани случаи се тие што ги имаме.
-Се работат и примарните и секундарните случаи, нивните патеки, веќе има инспекциски надзор во сите можни здравствени установи каде што може од аспект на примарен и секундарен контакт, така што мислам дека нивото на алармирање е значително. Нема присила затоа што тоа водеше кон изигрување на системот и слично. Апелирам на свест и самосвест на сите дека ако не ја прележале болеста дека две дози на вакцинација ќе ги заштитат бебињата кои не можат да бидат вакцинирани и кои немаат можност да одлучат дали сакаат или не – рече министерот.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) и шеф на Регионалната канцеларија на СЗО во Македонија, д-р Аким Али рече дека улогата на родителите е клучна и второ бремените жени особено треба да добијат заштита од морбили, затоа што може тоа до конгенитални малформации да доведе.
– Главна е да се зголеми стапката на вакцинација на потребниот процент, кој што изнесува 95 проценти. Нашиот процент е се уште низок во споредба со потребното ниво, меѓутоа знам дека Министерството за здравство соработува со заедниците и со центрите за јавно здравје со цел да го зголеми да ја зголеми оваа стапка на вакцинација – додаде Али.

