По ужасната сообраќајна несреќа во Скопје, на улицата „Народен фронт“, во која животот го загуби 79-годишна жена, четири лица се осомничени за вмешаност, а возачот кој ја усмрти избегал од местото на трагедијата.
Полицијата трага по 18-годишниот возач и неговиот татко, додека две лица се приведени поради помагање во бегството. По интензивна потрага, полицијата преку системот „Безбеден град“, снимки од околните објекти и сведоштва, утврдила дека возилото е во сопственост на таткото на осомничениот.
Автомобилот бил пронајден пред нивниот дом, каде што бил затекнат постар член на семејството, кој бил приведен на разговор.

Истрагата покажала дека младиот возач и неговиот татко, со помош на уште две лица, ја напуштиле државата истиот ден по несреќата. Двајцата помагачи се уапсени и против нив е поднесена кривична пријава за помагање во бегство по извршено кривично дело.
Несреќата се случила околу 11:30 часот вчера, кога патничко возило „Фолксваген пасат“, управувано од 18-годишен скопјанец, удрило во повозрасната жена, која починала од здобиените повреди. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот го напуштил местото на настанот.
