Општина Куманово започна со целосна реконструкција на улицата „Бајрам Шабани“, каде во тек се активности за поставување бетонски рабници и изградба на нови тротоари, по што ќе следува асфалтирање на целата улица, информираа денеска од општината. Градоначалникот Максим Димитриевски соопшти дека средствата за реализација на проектот за реконструкција на улицата се обезбедени преку вториот владин повик од унгарскиот кредит.

-Започнавме со целосна реконструкција на улица „Бајрам Шабани“. Во тек се активности за поставување на бетонски рабници и изградба на нови тротоари, по што ќе следува асфалтирање на целата улица. Претходно успешно е завршена и изградбата на атмосферска канализација во должина од над осумстотини метри. Средствата за реализација на овој проект Општина Куманово ги обезбеди преку вториот владин повик од унгарскиот кредит. Продолжуваме посветено да инвестираме во подобра инфраструктура и поквалитетни услови за живот за сите граѓани- соопшти Димитриевски.

Како што е објавено на електронскиот систем за јавни набавки, за оваа инвестиција одвоени се над 19 милиони денари.

Од Општина Куманово апелираат до граѓаните да бидат внимателни и трпеливи за време на изведувањето на градежните работи на оваа како и на улицата „11 Октомври“, поради изменет режим на сообраќај. Претходно, како што брифираа од општината започнаа и градежни активности за реконструкција на водоводната мрежа на дел од улицата „11 Октомври“, на потегот од улицата „Гоце Делчев“ до улицата „4 Јули“.
