Општина Маврово и Ростуше, согласно програмските определби на градоначалникот Онер Јакупоски и со поддршка на Советот на општината, воведува еднократна финансиска помош за секое второ и трето а ја зголемена за првородено дете, изјави Фикрет Ибраими, одговорен во секторот за односи со јавноста
– Согласно новиот правилник, висината на помошта за првородено дете, што како право се исплаќа од 2018 година, се зголемува и таа сега изнесува 10 илјади денари. Новата мерка предвидува 18 илјади денари за секое второ родено дете, додека 25 илјади денари за секое третородено дете. Оваа мерка има за цел да им даде директна поддршка на младите семејства и да го поттикне наталитетот во нашиот регион, рече Ибраими.
Право на еднократна парична помош имаат родителите кои се со постојано живеалиште во едно од населените места на територијата на Општина Маврово и Ростуше.


-За да се оствари ова право, потребно е да се приложат следните документи копии од важечки документи за идентификација (лични карти или пасош) од двајцата родители, извод од матична книга на родени за новороденото дете, извод од матична книга на венчани, Потврда за редовна вакцинација за детето и трансакциска сметка на барателот. За второ и трето новородено дете потребно е да се приложат и изводи од матична книга на родени за претходните деца (првото, односно второто дете), објаснува Ибраими.
Барањето и потребните изјави се подигнуваат и пополнуваат директно во просториите на Општина Маврово и Ростуше, и се поднесуваат во рок од три месеци од раѓањето на детето.
Според Ибраими, службите во општината стојат на располагање за сите дополнителни информации и помош при пополнување на документацијата.
