Општина Демир Хисар обезбеди 350.000 денари буџетски средстваа со кои ќе се надоместуваат дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општината за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди, а со цел стимулирање на жителите на Општина Демир Хисар за примена на економични, енергетски ефикасни и еколошки прифатливи уреди за затоплување на домовите.
Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за 2026 година е во тек, а од предвидените 350 илјади денари, секој барател ќе може да добие максимум 10 илјади денари, информираат од тамошната локална самоуправа и нагласуваат дека секој барател освен исполнување на основните услови посочени во јавниот повик, треба да ги има подмирено обврските по основ на данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде монтиран уредот, заклучно со 2025 година.
Право на учество на јавниот повик немаат вработените во Општина Демир Хисар и нивните блиски роднини, односно лицата со кои се во брачна заедница, како и роднините по крв во права линија, односно деца, внуци, родители, баби и дедовци, нагласија од Општина Демир Хисар.

