Голем е ризикот да подготвите репортажа од место кое прв пат во животот го посетувате затоа што вашите погледи сигурно нема да се приберат во вашиот бележник и фотоапарат. Да се биде очи в очи со „Пелистерски Очи“, волшебните творештва на природата, Големо и Мало Езеро на Пелистер, да се почувствува воздухот на над 2.100 метри надморска височина и да ги имаш Пелагонија и Преспа на дланка гледано од врвовите на планината Баба, тоа е навистина големо новинарско доживување, и предизвик.

Времето беше на наша страна. Тргнавме од инфо-центарот на ЈУ Национален парк „Пелистер“, чии љубезни домаќини на располагање ја ставија неуморната ренџерска служба. Најнапред го совладувавме францускиот пат, граден пред 110 години од француската војска за време на Првата светска војна. И, требаше да се совлада затоа што најавените 18 километри до целта, ги врвевме за повеќе од три часа, доволни да се забележат сите карпи и длабнатини, сите свијоци и остатоци од бедеми, бункери и други сведоци кои најмногу беа забележливи кај Црвени Стени под кои тече Црвена Река, место именувано според некогашните тешки и крвави битки.
Првата пауза за вода, воздух и восхит, нашиот домаќин, директорот на ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола Иванчо Тошевски ја приреди над местото викано Ловечка Куќа, од каде за прв пат имав можност од толку голема висина да ги погледнам Цапарска Река, една од 18-те планински реки и Маловиште, единственото село во Националниот парк Пелистер.

-Локацијата Ловечка Куќа е 2.076 метри н.в., на патот кој води до врвот Пелистер и Големо Езеро. За ова место е интересно тоа што има природен амфитеатар кој е окружен со локацијата позната кај битолчани како „семафори“ и Козји Камен. Повеќе од една година работевме да најдеме начин за возобновување на објектот Ловечка Куќа кој сметаме дека се наоѓа на стратешко место на Баба Планина и Национален парк Пелистер. Објектот ќе го користиме за потребите на Националниот парк во делот на шумарството, за заштита на природата и мониторинг, исто така ќе го користи ренџерската служба за подобра контрола на теренот, а ќе биде отворен и за сите посетители, планинари, љубители на природата кои доаѓаат на Пелистер. Со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Програма за инвестиции очекуваме МЖПП да партиципира во овој наш проект. Верувам дека овој објект ќе биде завршен до крајот на оваа година, а напролет да се користи. Новиот објект ќе биде монтажен, нема да ја нарушува пејсажната вредност, а ќе биде корисен и со исполнети стандарди. Ние ќе стопанисуваме со Ловечка Куќа која ќе биде отворена за сите, истакна Тошевски.
Без сомнеж дека желбите на менаџментот на ЈУ Национален парк „Пелистер“ ќе се остварат, за што потврда се досегашните реализирани проекти, продолживме со нашата прес-тура движејќи се низ новите моликови површини што никнале под Козји Камен (2.300 м.н.в.), и крај камените реки, некогашните остатоци од реки за кои домаќините ни рекоа дека се производ на климатските промени. Камените реки на Пелистер, како едно од намаркантните обележја на планината се вистинска реткост на Балканскиот Полуостров.

-На овој предел до пред 30 години немало ниту едно дрво. Околу камењарите се забележува шума со боровинка и смрека. Камените реки се живеалишта на многу животни. Човекот не е дел од еко системот скоро половина век и тоа можеби се должи на заострена законска регулатива, можеби на промените на културата на живеење, а луѓе не живеат во планискиот дел. Но, ние ќе ја подобриме нашата туристичка понуда со развој на еко активен туризам и тоа го покажуваме со конкретни активности. Поради климатските промени, сега моликата се појави на 2.070 метри надморска висина и формира нова заедница и се искачува кон врвот Пелистер. Тоа е многу интересно и за експертите од струката, но тоа се должи на климатските промени и исклучувањето на човекот од еко системот. Свесни за тие предизвици ќе понудиме мерки и активности и активно ќе работиме на зачувување на старата моликова шума. Тоа е важно да се прави, пред се, заради културно-историското значење на моликата и секако за улогата на овој дел од планината каде во секое време има питка вода и во изобилие. Ако тој биодиверзитет се наруши, тогаш никој нема да знае што ќе се случува во иднина, нагласи Тошевски.
И, ете ги на дланка Преспанско Езеро од едната страна и Пелагонија, наследничка на некогашното Пелагониско Езеро, од другата страна. Високо искачени на надморска висина од 2.250 метри, нестрпливо посакувавме да дојдеме до изворите на Мало Езеро, тоа мало пелистерско глацијално ледничко езеро. Сместено во вдлабнатина, цирк, веднаш под самиот Партизански врв, до него се доаѓа со спушатње низ остра стрминина која не ни дозволи блиска средба при првата посета. Домаќините потсетија дека од водата на Мало Езеро нејчесто пијат планинските диви животни, мечки, елени, кози, но знаевме дека нашиот моментален џагор не им дозволи освежување во тој исклучително топол ден. Податокот дека езерото настанало пред околу 10 до 12.000 години беше доволна возбуда која од минута во минута се повеќе растеше затоа што наближувавме до Големо Езеро и планинарскиот дом именуван според првиот македонски освојувач на Монт Еверест, Димитар Илиевски Мурато.

Пред тоа, домаќините рутински, тивко, онака како што Мурато ги реализирал своите прошетки низ планината, не запознаваа со Црвени Стени, врвот Стив, Илинден, Антена, Широко Стапало, Широка, Партизански врв, Ветерница, Мразалник, Муза, Шкампи, Рупи, Бојаџиев врв, Р’жана, Цуце, врвовите Мала и Голема Чука, потоа Вртешка и врвот под џамот или Волчји Рид каде има најмногу волци. И, додека над нас високо неколку орли имаа пладневен лет, ние набљудувајќи го Орлов Врв и Орлови Бари, езерото кое никогаш не пресушува, бевме информирани за плановите на јавната установа во овој дел на планината.
-Стариот француски пат, граден пред 110 години за време на Првата светска војна слегува кон селото Брајчино. Идејата е преку програмата за десетгодишна противпожарна заштита, овој патен правец да се отвори, Брајчино да се поврзи со Големо Езеро. Оправданоста за овој проект и отворање на патниот правец се климатските промени кои ги живееме, и во таа смисла треба соодветно да се одговори за противпожарна заштита и поголема контрола на паркот. Во овој момент ја немаме целосната контрола на националниот парк покриен со ренџерска служба така како што треба да биде. Точно е тоа дека причина се ограничените финансиски средства со кои раполагаме, но и да ги имаме, ние не можеме да го покриеме тој дел на националниот парк затоа што немаме пат по кој може да се стигне со теренско возило. Ние мора да креираме мултифункционални решенија со кои ќе се оствари сонот на повеќе генерации, а тоа е поврзување на Брајчино со Големо Езеро. Поврзувањето ќе предвиди пешачка патека, велосипедска патека, во 2028 година ќе биде отворен македонско-грчкиот премин Маркова Нога, а тоа отвора нови можности за нашиот еко-активен туризам.

Еко активниот туризам овозможува заштита на природата, подобар мониторинг и контрола на територијата, а и услови за еко активен туризам. Ние мора да бидеме свесни дека националните паркови во Македонија единствено може да ја „продаваат“ природата, а тоа значи дека природата треба да се зачува, без да се нарушува. Во моментов патот до Брајчино е во релативно добра кондиција и потребни се интервенции на оштетувања предизвикани од ерозија од земја, камења и комуникацијата ќе се реактивира. Возобновувањето на патот има културно – историско значење, нуди развој на туризам и секако мониторинг заштита, појасни Иванчо Тошевски, директор на установата.
И, конечно, тоа што го посакував со децении. Прв пат новинар на МИА во допир со водите на Големо Езеро. Прв пат на надморска висина од 2.218 метри, локација на која со взаемно дејство на ерозивните и акумулативните леднички процеси е формирано едно од најдлабоките планински глацијални езера во Македонија, а кротко и прифатливо за разладување и летно капење што си го дозволија похрабрите посетители.

За двете глацијални езера, Големо и Мало Езеро, познати и како „Пелистерски Очи“ се врзува легендата што ни ја раскажувале возрасните, а се однесува на Јорго и Флора, брат и сестра кои чувале стадо овци. Еден ден Јорго се изгубил во планината, а од солзите на Флора се формирале двете езера. Гледани од висина, Големо и Мало Езеро навистина наликуваат на очи, а белосивиот камењар на планината Баба наликува на гулаб (гулаб на грчки јазик: „peristeri”). На тој начин се појаснува приказната за Пелистер, стара 465 милиони години, односно за волшебните „Пелистерски Очи“ и името на врвот Пелистер кое се дополнува и со петте листа на македонскиот бор, петлистер, Пелистер.
-Заштитата на езерата на Пелистер е наш приоритет. Езерото Рупа кое се наоѓа веднаш под северниот гребен на врвот Р’жана е скриен бисер на Пелистер и затоа наскоро во соработка со Македонско еколошко друштво (МЕД) ќе почнеме реставрација на глацијалното езеро Рупа, најави Тошевски препуштајќи да уживаме во убавините на планината Баба и врвот Пелистер.

Националниот парк „Пелистер“ прогласен на 30 ноември 1948 година со закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија е важна дестинација за еко активен, но и за културен туризам бидејќи низ планината има бројни археолошки локалитети и чешми кои треба да се видат многу пати и секако посетителите да се напијат ладна пелистерска вода за повторно да дојдат на Пелистер.

