Обвинителството за гонење на организиран криминал донело одлука да нема истрага за бонусите на СЈО. Одлучиле уште во август, но не објавиле иако слуајот подолго време е во фокусот на јавноста бидејќи станува збор за потрошени 4,6 милиони евра народни пари. Одговорот на Обвинителството е идентичен како првиот пат кога ја запреа постапката, односно одлучиле дека нивните специјални колеги не направиле кривично дело со тоа што самите на себе си поделиле фантастични бонуси од 4,6 милиони евра.
Постапувајќи по конкретниот предмет, имајќи ги предвид битијата на кривичните дела за кои беше поднесена кривичната пријава, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК изврши целосна анализа на наводите и доказниот материјал во предметот и ценејќи ги сите докази и факти, кон крајот на месец август минатата година донесе решение за отфрлање на кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност, соопштуваат од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Суспендираниот виш јавен обвинител Јове Цветановски кој заврши на дисциплинска ден по одлуката да се истражуваат хонорарите на Јанева и нејзините чарлиеви ангели, е изненаден од одлуката. Според него, доколку надлежниот обвинител ги разгледал доказите и извршеното вештачење во предметот, одлуката ќе била поинаква. Тој повикува надлежните институции јавно да го објават решението со кое е запрена истрагата, со цел јавноста да биде информирана за причините.

„Одлуката беше заснова врз доказите кои беа прибрани од нивна страна. Дали тие се повторно анализирани, или сеганализирале за првпат, дали од ДЗР ги повикале како сведоци, тие што го направиле за извештајот, основот е ист како што беше и претходно. Изненаден сум, ако се разгледаат доказите не би рекол дека би донеле таква одлука“, вели вишиот обвинител Јове Цветановски.
Предметот за бонусите исплатени во СЈО беше повторно на одлучување во Обвинителството за гонење на организиран криминал, откако Вишото јавно обвинителство постапувајќи по жалба одлучи да се отвори истрага.
Истрагата се однесува на додатоците на плата што ги добивале обвинители и вработени во СЈО. Прашањето за законитоста на овие исплати беше отворено по ревизорски извештаи, кои укажаа на незаконско делење на пари и предизвикаа сериозни реакции во јавноста.
Случајот предизвика внимание и поради несогласувањата на вишиот обвинител Цветановски и шефот на вишото, Мустафа Хајрулахи со тогашниот републики обвинител Љупчо Коцевски. Хајрулахи обвинуваше за притисоци од страна на Коцевски токму за овој случај. Според него, суспензиите што ги добија двајцата обвинители се всушност желба на Коцевски да ги отстрани од овој случај.
Во меѓувреме, поранешната обвинителка од СЈО Лејла Кадриу обвини дека специјалното обвинителство работело како штаб на СДСМ. Според неа, кај нив доаѓале високи функционери на СДСМ и се работело незаконски. ВМРО ДПМНЕ го повикува обвинителствто да ги провери овие сведочења.
