Останувам позади се што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува„, вели вицепремиерот Александар Николоски во неговото обраќање по повод бурата реакции кои пристигнаа од Софија во врска со неговото гостување на Алфа телевизија и ставот за инцидентот со претседателката. Според него, очигледно е дека бугарските политичари упорно се обдуваат македонија да стане тема на нивните предизборни кампањи.
Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам да било кој бара изговори во мои изјави или било што друго што се случува во Македонија. Всушност, самото тоа што се бидат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик.
Николоски тврди причина за кризата во Бугарија, која по седми пат оди на избори, ја создале токму овие политичари кои што, наместо да зборуваат пред својата јавноста за високиот степен на корупција и криминал, за лошата економија, и слично, тие сакаат да се занимаваат со Македонија.

АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ – вицепремиер, министер за транспорт
„И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот Претседател, вели Николоски.
Според него, со самото тоа што овие луѓе се занимаваат со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, а уште по малку да напредува кон Европската Унија. Обвинува дека токму тие корумпирани политичари, кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза ги нарушуваат и добрите односи помеѓу двата блиски народи, македонскиот и бугарскиот народ.
„Ние сме јасни кој сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. А, оние кои што сакаат поинаку да ја читаат историјата, се политичари од деветнаесетиот, а не политичари од дваесет и првиот век, вели Николоски.
Според него, целта на владата, негова и на ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да напредува, да стане членка на Европската Унија, да го изоди патот кон Европската Унија, но тоа да биде гордо и достоинствен, со одбрана на националните интереси.
