Можностите за воведување современи терапии за Паркинсонова и Алцхајмерова болест во земјава ќе бидат тема на панел-дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, што денеска ќе се одржи во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.
На настанот ќе учествуваат невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје, кои ќе разговараат за најновите пристапи во лекувањето на овие две најчести невродегенеративни заболувања.
Во фокусот на дискусијата ќе бидат длабоката мозочна стимулација (DBS), која претставува стандардна терапија за одредена група пациенти со Паркинсонова болест во повеќето европски земји, како и антиамилоидните терапии со леканемаб и донанемаб, кои директно делуваат на патолошките процеси кај Алцхајмеровата болест и го забавуваат когнитивниот пад во раната фаза на болеста.
Според организаторите, учесниците ќе разговараат и за предусловите за воведување на овие терапии во Македонија, вклучително и потребата од стручни тимови, инфраструктура, дијагностички капацитети и институционална поддршка.
Модератор на панелот ќе биде проф. д-р Габриела Новотни, а меѓу говорниците се проф. д-р Звездан Пиртошек и проф. д-р Дејан Георгиев од Универзитетската клиника за неврологија во Љубљана, како и директорите на Клиниката за неврологија и Клиниката за неврохирургија во Скопје, Јован Божиновски и Љуљзим Агаи.
Експертскиот тим од Љубљана престојува во Скопје во рамки на двегодишната соработка меѓу двете клиники, која се реализира преку програмата Mentor–Mentee на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).

