Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување гласови – напиша на „Фејсбук“ премиерот Христијан Мицкоски по вчерашните избори во општина Брвеница.
Иако, како што вели, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3.000 на 4.200, а во однос на парламентарните избори имаат раст од 1.300, тоа, за жал, е недоволно за целосна победа.
– Им благодарам на сите жители на Брвеница што гласаа за нас и на тие што не гласаа, сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата. Една Брвеница за сите е повеќе од концепт, тоа е начин на работа – пишува Мицкоски на својот фејсбук-профил.

По повод одржаните избори во Брвеница и резултатите од нив, се огласи и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Сами против сите! ВМРО-ДПМНЕ јасно покажува дека има програма и концепт. Националните поделби и тројанците ќе им се вратат како бумеранг. Една Брвеница за сите! – напиша Николоски на „Фејсбук“.
Во вториот круг од локалните избори за градоначалник на општина Брвеница, како што соопшти ДИК, кандидатот на Национална алијанса за интеграција, Аркин Јахиј, освоил 4.442 гласа, а кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, 4.177 гласа. Одѕивот на гласачите бил 54,29 отсто, односно на гласање излегле 8.820 избирачи.
Локалните избори за градоначалник на оваа општина се одржаа откога ненадејно почина поранешниот градоначалник на Брвеница, Јовица Илиевски.

