Неисчистени канали, ниви полни со вода…ваква е сликата во Кочанско поле пред стартот на новата сеидба на оризот. Состојбата е алармантна и ако надлежните и понатаму продолжат да се однесуват незаинтересирано, под знак прашалник ќе се стави новата сеидба, револтирани се оризопроизводителите од Кочанско, кои поради калта не можат да си ги подготват површините за производство..
„Најлошо е во средината на полето. Таму водата е и до колена . Водата не се повлекува, а со дождовите уште повеќе се полнат нивите. Каналите се полни со вода. Ништо не е исчистено, водата не може да се цеди.Тракторите не можат да влезат во нивите. Најлошо е во средината на полето. Не може да се ора, пропаѓаат тракторите, се е запушено, од лани се неисчистени, а пари тражат. Ова да се плати, она да се плате, се закануват извршители„ велат оризопроизводителите.
Неичистените канали се проблем со кој речиси секоја година се соочуваат оризопроизводителите од Кочанско. Во одредени полиња сеидбата доцни, а тоа влијае директно врз квалитетот на „белото злато„.

„Доколку сметат дека ние сами треба да ги чистиме кансалите, нека не ослободат од воден надоместок. Тогаш ние сами со механизација ќе си ги чистиме. Не може така, јас само за водарина годишно плаќам по 500евра, а ниту една вада не ми е ископана. Се е уништено. Канали неисчистени, цена на оризот нема, откуп нема, цената паѓа, а ни увезуват ориз . Ова е срамно и жалосно. Не бива вака„ велат оризопроизводителите од Чешиново-Облешево.
Од кочанската подружница на „Водостопанство„ објаснуваат дека е почнато со чистење на каналите во Виничко, а се чисти и десниот магистрален канал. Проблемот е во старата и дотраена механизација. На располагање имат само две машини, останатите две се дефект и чекат да бидат сервисирани.
Според планот, со наводнување на оризовите површини со проточни води ќе се почне од 7април, а водата од Хидросистемот„Брегалница „ ќе биде пуштена на 25 април.
Александра Ристевска
