Пиштолот го изнел од дома, а каде го однел – рече не знам, не се сеќавам. Ставал ракавици на рацете, аме не знаел зошто. Се криел позади возилото, ама и за тоа не се сеќава зошто. Заврши конфузното сведочење на Боре Видевски. Не откри ништо ново, освен дека откако на почетокот го признал неговото учество во свирепите убиства, сега негира било каква поврзаност. Пред судот се читаше негово прво признание.
- „Целата ситуација се договорила без јас да знам. Велибор ми спомна дека ќе се бараат пари, јас бев во криза и се согласив. Четворицата се договоривме да се земе колата на Панче, но да остане жив.. Сите четворица го однесовме кај ископаната дупка. Јас и Влатко се вративме, и како што кажав, слушнав истрел. Се свртев и го видов Палчо со пиштол во рацете“ рекол Видевски на 04.12.2023 година.
Откако ова го признал, во вториот исказ пред обвинител негирал, како и сега пред судот. Тврди дека бил тепан и затоа морал да признае. За разликите околу првиот исказ и сегашниот, во име на одбраната прашања поставуваа само Палевски и неговиот адвокат.
- Дали сите наводи на Јавното обвинителство ги негирате во целост? – праша Палевски.
- Да – рече Боре.
Судијата пак го праша дали некогаш Палевски му се заканувал, а обвинетиот децидно одговори „не, никогаш“. Но го потпрашуваше и за некои до деталите.

- Зошто ви беа потребни радиостаници? – праша судијата.
- Не знам точно, ова е претпоставка. Партијата планираше одредени активности, собиравме декларации за МПЦ-ОА. Кога ќе соберевме 130.000 декларации, планот беше да се разделат по помесните цркви. Но, да не биде тоа одење и оставање во црква на одредена личност, туку да биде со литија од граѓани од Велес и околината.. Радиостаниците, претпоставувам беа за конекција, за да се комуницира ако има повеќе народ. Еден да стои напред, друг позади, трет на страна и да не се користат мобилни за конекција, туку радиостаниците – рече Боре.
Адвокат Бојан Манев тврди неговиот клиент Видевски вистината ја кажал пред судот, а не во декември 2023-та кога морал да говори бидејќи му се заканувале од полиција.
Инаку, Палчо се откажа од својот, таканречен клучен сведок, кој требаше да потврди дека дента на убиството на Вања, околу 11 часот, разговарал со него во редот во банката. Професорот не сакал да го прими барањето од судот, а Палевски ја одби понудата на судијата тој да биде приведен. Судењето за двојното убиство продолжува идната недела во среда кога исказ треба да даде обвинетиот Влатко Кешишев.
