Скопје утре ќе биде домаќин на Првиот форум за енергетска дипломатија – „Обновливи извори и жените во енергетиката“, на кој ќе присуствуваат над 200 домашни и странски гости, а ќе учествуваат повеќе од 15 говорници, панелисти и модератори.
Форумот е во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), а ќе го отвори министерката Сања Божиновска.
Во фокусот ќе бидат енергетската безбедност, обновливите извори на енергија, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор.
-Форумот ќе обедини високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, претставници од дипломатската заедница и приватниот сектор, а целта е да се зајакне регионалната и меѓународната соработка за унапредување на енергетската безбедност, економската отпорност и транзицијата кон одржливи и инклузивни енергетски системи. Форумот ќе обезбеди платформа за политички дијалог, размена на искуства и идентификување можности за забрзување на примената на обновливите извори на енергија, мобилизирање зелени финансии и зајакнување на регионалните партнерства, особено во Западен Балкан. Посебно внимание ќе биде посветено на промовирањето на женското лидерство и учество во енергетската политика, дипломатијата и енергетскиот сектор, вклучително и предложеното лансирање на Мрежата на жени во енергетската дипломатија, се наведува на официјалната интернет страница.
Покрај дијалогот, како што се додава, форумот се стреми да ги преточи заедничките приоритети во конкретни можности за соработка, инвестиции и заеднички иницијативи, придонесувајќи за побезбедна, поотпорна и поодржлива енергетска иднина, истовремено поставувајќи ги темелите за трајна регионална платформа за енергетска дипломатија.
Организацијата е во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

