Над 180 учесници и гости од регионот, меѓу кои студенти и млади научници, ќе учествуваат на седмиот Конгрес на еколозите на Македонија, што од деенска до 18 октомври ќе се одржи во хотелот „Дрим“ во Струга.
На конгресот ќе бидат презентирани научни истражувања од шест тематски области: загадување на воздухот, водата и почвата; биолошка разновидност и нејзина заштита; шумарство и земјоделство; управување со природни ресурси; промени во животната средина и еколошка едукација.
Од Македонското еколошко друштво (МЕД) посочуваат дека конгресот е еден од најголемите научни собири на еколозите во регионот, посветен на истражувањата во областа на екологијата и заштитата на животната средина.
МЕД ги организира конгресите на еколозите еднаш на четири години, а првиот се одржа во 1998 година во Охрид. Од тогаш, на овие научни собири учествувале најмалку 1.200 учесници и предавачи од повеќе од 15 европски земји.
Во изминатите години беа презентирани околу 1.050 научни трудови, од кои дел се објавени во две книги на пленарни реферати и шест зборници на трудови.
Целта на конгресот е да се поттикнува развојот на екологијата како научна дисциплина и да се обезбеди платформа за презентирање на истражувањата и работата на македонските еколози, како и за размена на научни знаења и искуства со колегите од странство.

