Апелацискиот судија Ѓоко Ристов како да пропадна во земја. Ниту МВР ниту Обвинителство откриваат каде се наоѓа и дали за него е побаран притвор. Според неофицијални информации, судијата пред една недела им кажал на колегите дека е болен и дека ќе земе боледување, а мобилниот телефон не го користи повеќе од еден месец, односно откако беше отворена истрагата против адвокатот Фехми Стафа за подмитување на Ристов.
На прашањето до МВР, дали Ристов е приведен или во тек е постапка да му биде одредена мерка притвор, не насочија одговорите да ги побараме во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Оттаму пак велат дека обвинителството работи на случајот, а со детални информации ќе излезат во наредните денови. До крајот на денот надлежните ќе мора да одговорат каде е Ристов и дали е обезбеден, бидејќи според законскиот рок, во полициска станица може да биде задржан само 24 часа и во тој период да бидат побарани мерки.
Потрагата по дополнителни пари од сомнително потекло и по докази против осомничениот судија продолжува. Од МВР соопштија дека синоќешната акција во која беа пронајдени 350.000 евра во еден од ѕидовите на домот на неговите родители во Неготино, е една од најобемните полициски акции во историјата на Македонија.

„При претресот, во созидан простор во ѕидот, се пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Постапувањето е резултат на дејствија преземени во рамки на опсежна истрага, откако на 14 декември 2025 година беше осомничен адвокат поради сомнение за кривично дело, примање награда за противзаконито влијание“, велат од МВР.
ОД Финансиската полиција објаснија дека зградата во Неготино во која била спроведена акцијата е сопственост на родителите на судијата Ѓоко Ристов. Како дел од широка и сложена истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управата за финансиска полиција, по наредба на судијата на претходна постапка, минатиот викенд спроведе рација на локација во Неготино.
„Операциите беа спроведени под раководство на Управата за финансиска полиција, во координација со надлежниот јавен обвинител. Рацијата беше спроведена во домот на родителите на лице – судија во Апелациониот суд во Скопјe, осомничено за кривично дело „Недозволена добивка и прикривање на имот“, велат од Финансиска полиција
На судијата Ристов не може да му се одреди мерка притвор се додека Судски совет не му го одземе имунитетот. Советот ќе треба да одлучи во рок од 24 часа од доставеното барање, со најмалку седум гласа од вкупно 13 членови со право на глас. Согласност не е потребна само ако судијата е фатен на дело за кривично дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку пет години.
Токму затоа таква согласност не беше потребна во мај 2024 година, кога врховниот судија Наке Георгиев беше фатен на дело при земање поткуп од 10.000 евра, како дел од повисока договорена сума, за да интервенира во предмет за недозволено производство и трговија со дрога. Во истиот случај беше инволвиран и Иџет Мемети, тогашен член на Советот на јавни обвинители, кој призна вина за примање мито за противзаконито влијание и се спогоди со Обвинителството, добивајќи условна затворска казна од една година. Со Обвинителството се спогоди и Георгиев, кому му беше изречена казна затвор од три години и забрана за вршење професија.
