Македонија не планира испраќање војници во Украина. Таква одлука ниту била разгледувана, ниту се зема предвид, дециден е министерот за одбрана Владо Мисајловски по изјавите на шефот на НАТО, Марк Руте дека неколку европски земји се подготвени да испратат свои војници во Украина за да помогнат во одржувањето на мирот. Според Мисајловски, Армијата останува фокусирана на модернизацијата и исполнувањето на обврските во рамките на сојузништвата.
- „Воопшто не планираме такво нешто. Македонска војска нема да биде испратена на украинска територија. Ова многу пати сум го кажал и повторно го истакнувам. Ние се фокусираме на нашата модернизација и на нашите обврски. Секако, како дел од едно големо сојузништво, ќе помагаме на секој начин на кој можеме, но таква одлука ниту била на маса, ниту се разгледува“ рече Мисајловски.
Според Руте детали за распоредувањето на силите кои би се испраќале во Украина нема да се дискутираат јавно, но потврди дека повеќе земји веќе изразиле подготвеност за испраќање свои единици. Претходно, лидерите на земјите учеснички во Коалицијата на доброволци официјално потврдија дека се подготвени за распоредување сили за поддршка на Украина за обезбедување на гаранции по завршувањето на војната.
Од друга страна, во насока на исполнување на НАТО стандардите и барањата на Алијансата за модернизација на македонската армија, Одбрана идната година за тоа ќе вложи 116 милиони евра од речиси 360 милиони евра колку што е предвидено за касата во Министерството.

- „Трите приоритети на кои почива одбраната и за кои говорев на крајот на минатата година – тоа е стабилно буџетирање, дополнителен стимул во процесот на модернизација и целосното почитување и унапредување на правата и обврските кон вработените, се приоритетите кои можеа да се увидат во секој исчекор кој го направивме во 2025 година. А тоа се столбовите на кои ќе продолжиме да ја градиме одбраната и Армијата и во 2026 година“, посочи тој.
За капиталните инвестиции, министерот истакна дека буџетот се реализира согласно динамиката на набавките, и дека дел од заштедите се пренасочени кон купување резервни делови за американските возила во Армијата. Според Мисајловски, два од хеликоптерите „Леонардо“ се очекува да пристигнат следната година.
