Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати денеска се сретна со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој. На средбата стана збор за унапредување на соработката меѓу двете земји и за прашања од заеднички интерес.
За време на средбата беше истакната подготвеноста за натамошно зајакнување на пријателските односи и институционалната соработка меѓу двете држави, со посебен акцент на областите на образованието, воспитно-образовниот процес и правичната и соодветна застапеност на турската заедница во земјата, соопшти прес-службата на кабинетот на министерот.
Ферати ја нагласи важноста од еднаков третман на сите етнички заедници и обезбедувањето еднакви можности во сите сфери на општествениот живот, вклучително и развојот на инфраструктурата. Соговорниците ја истакнаа важноста од продлабочување на соработката и со невладините организации и турските институции кои дејствуваат во земјата, вклучувајќи ја Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), како и други организации, меѓу кои и МАТУСИТЕБ, со цел реализација на проекти што придонесуваат за развојот и благосостојбата на граѓаните.

Министерот Ферати и амбасадорот Улусој ја изразија својата подготвеност за натамошно унапредување на партнерството меѓу двете земји, стои во соопштението.

