Реклама
Македонија

Милошоски за Алфа: Правото на глас е загарантирано уставно право и не може да биде попречено

Државната изборна комисија мора да заземе став кој ќе биде во согласност…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Државната изборна комисија мора да заземе став кој ќе биде во согласност со уставното загарантирано право на глас – да се изнајде начин да може дијаспората да гласа со пасошите на кои пишува Република Македонија. Ако не се донесе преодна одредба во Изборниот законик, со која ќе се регулира ова, последна опција за решавање на проблемот е носење на законот за патни исправи кој е на седница во среда. Според пратеникот Антонио Милошоски, со овој закон ќе се продолжи важноста на пасошите до крајот на годината и секој еден Македонец во странство ќе може да си го оствари правото на глас.

ДИК треба да заземе став дека секоја валидна патна исправа е валиден документ за идентификација, без разлика кој е насловот. Правото на глас е загарантирано уставно право и не може да биде попречено. Ако јас имам издадена валидна патна исправа, издадена од МВР дури и да пишува РМ, и да важи до 2026 или 2027 имам право да гласам секаде низ дијаспората. Најсоодветно решение според мене и според ВМРО-ДПМНЕ е на седница сега имаме измена на законот за патни исправи и да го измениме. Потребно е да се согласат ДУИ и СДСМ и со тоа, не само што ќе олесниме на луѓето по однос на гласање туку и по слободното движење и правото на работа. Многу луѓе надвор од Македонија го ризикуваат правото на работа зошто министерот за надворешни си игра со нивните права – вели пратеникот Антонио Милошоски.

Претходно, ДИК предложи во Изборниот законик, во членот кој се однесува на личните документи, да се стави преодна одредба според која, на изборите ќе може да се гласа со пасошите на кои пишува „Република Македонија“ доколку имаат важечки датум. Но колку е реално возможно вакви измени да стигнат до пратениците и да се изгласаат на месец и пол до избори?

Реклама

Во моментов има две можни решенија кои веќе се во Собранието, едното е предлогот на техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски за продолжување на важноста на пасошите, а другиот е испратен поодамна преку Министерството за правда како дел од измените на Изборниот законик. Доколку ниту еден од предлозите не помине, дијаспората нема да може да гласа со пасоши без „Северна“.

Ако има политичка волја, може да се изнајде и трета опција, налик онаа од 1998 година, кога Изборната комисија донела упатство, да може да се гласа и со документи од СФРЈ, но кои имале важност.