Проблемот не е Уставот, туку идентитетот. По реакциите што ја разбрануваа јавноста изминатите денови, денеска со директен и остар став се огласи и премиерот Христијан Мицкоски. Тој порача дека последните изјави од официјална Софија само ги потврдуваат стравувањата дека барањата кон Македонија не завршуваат со уставните измени. Мицкоски оценува дека станува збор за подлабок проблем кој директно го засега македонскиот национален идентитет.
„Мене тоа не ме чуди, не знам дали некого воопшто го чуди во државава, само ги потврдуваат оние тези што ги имавме од првиот момент, дека не е Бугари во Устав единственото барање, туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет.“
Во исто време, премиерот упати порака дека ова се моменти кога, без разлика на политичките разлики, државата мора да настапи обединето, а националните интереси да бидат ставени над партиските калкулации.

„Но ова се денови кога треба да простуваме, да се обединуваме, сплотуваме, како народ и нација. Мислам дека конечно како народ ќе сфатиме, без разлика дали сме во власта или во опозицијата, дека за некои прашања едноставно треба да бидеме заедно. Жалам што се случи претходната влада на еден таков начин влезе во оваа авантура и го заглави евроинтегративниот процес на државата, жалам што ја прифати капитулацијата, односно ултиматумот на нашиот источен сосед, наместо да не послуша и тогаш. Но еве, повторно апелирам до опозицијата – подадена е раката, да ги напуштат тие нивни тези кои ги слушаме во јавноста и конечно да застанат во одбрана на македонските национални интереси.
И дел од аналитичарите оценуваат дека ваквите пораки од Софија ја зацврстуваат позицијата дека барањата кон Македонија не се ограничени само на уставните измени, туку носат ризик од нови условувања во текот на евроинтегративниот процес.Токму затоа, според дел од познавачите се оправдани барањата на Владата кон ЕУ, за цврсти гаранции дека по евентуалното ставање на бугарите во Уставот, официјална Софија веќе нема да го блокира патот на Македонија кон европското семејство.
Постновогодишните препукувања меѓу Скопје и Софија се отворија откако Бугарија повторно го избегна терминот „македонски јазик“, нарекувајќи го „јазик достапен за граѓаните во Македонија“, во контекст на акцискиот план за заштита на правата на заедниците – документ што македонските институции го подготвија согласно Уставот и европските стандарди. Наместо содржината на планот да биде во фокус, ваквата формулација од Софија отвори пошироко прашање за односот кон македонскиот јазик и идентитет, предизвикувајќи остри реакции од Министерството за надворешни работи, Владата и експертската јавност.
Од Владата порачуваат дека европскиот пат останува цел, но без прифаќање нови ултиматуми и без отстапки по прашања што се темел на македонскиот идентитет.
