Реклама
Македонија

Мицкоски: Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани

Премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство по повод страшната трагедија која се случи…

Сподели:

Премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство по повод страшната трагедија која се случи синоќа во дискотеката во Кочани.

„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна“ напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

„Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови.

Реклама

Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства. Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија.

Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.

Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност.

Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија“, напиша премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.

Претходно премиерот го одложи патувањето за Подгорица, каде утре се одржува самитот на ЕПП. Мицкоски ќе побара одлагање и на самитот за Западен Балкан кој треба да се одржи среда и четврток, информираат од неговиот кабинет.

Од утрово премиерот е во Кочани каде во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа повеќе од 50 млади лица.