Реклама
Прилози

Мицкоски во ексклузивно божиќно интервју за Алфа: Бара лидерска средба за укинување на техничката Влада и консензус за реформските закони

Укинување на техничката Влада, но и разговори за сите реформски закони за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Укинување на техничката Влада, но и разговори за сите реформски закони за напредокот на Македонија кон Европската Унија. Во празничното божиќно интервју за Алфа, премиерот Христијан Мицкоски ексклузивно открива дека од текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките лидери во земјава, за лидерска средба која би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. За клучните прашања за дражвата, Мицкоски очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции.

-Еве за правобранителот да разговараме, да покажеме зрелост, дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, кои што немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на ЕУ, ајде да седнеме и да разговараме, порача Мицкоски во празничното интервју за Алфа.

Околу техничката Влада, премиерот вели дека пред минатите избори и самите СДСМ кажале дека таа пред избори повеќе не е потребна. Вели за разлика од претходно оваа Влада покажува една широчина, која што е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи, реформи на политички систем, но и оние кои се дел од реформската агенда за пристапување кон ЕУ. Вели за дел од нив потребен е консензус.

-Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката Влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката Влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката Влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени, порача Мицкоски во празничното интервју за Алфа.

Реклама

Премиерот Мицкоски очекува дека сите лидери на парламентарните коалиции ќе ја прифатат поканата за лидерска средба. Потенцира дека дневниот ред може да биде проширен и дополнет од страна на другите, бидејќи тој лично знаел како му било него во минатото, кога на лидерските средби точките биле едни и не се менувало ништо, иако тоа било барано.

Матеја Петровски