Сигурно нема да биде како до сега. Наместо празни ветувања, криминал, корупција, скандали, ќе има нови делници и автопати. ВМРО-ДПМНЕ не сака да граѓаните да плаќаат 100-тици милиони за проект, туку сака да види автопат порача опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, од трибината во Кичево насловена „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“.
- „Со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу поразлично, од како што беше до сега. Затоа што до сега буквално немаме никакви победи како народ, како држава, туку нижеме порази, декаденција, срам, понижување, криминал, пљачка насекаде. И најчесто дури и оние малку проекти кои што беа реализирани во делот на инфраструктурата се проследени со многу сомнежи за сторен криминал и корупција“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој што го потпишувал договорот со Бехтел и Енка, бил поголем душман на македонскиот народ од сите освојувачи низ годините наназад, и затоа вели Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со голем предизвик како најекономично да да се реализира изградбата на коридорите 8 и 10Д.
- „Мотивирани од сите овие проблеми, антиципирајќи ги можеби сличните вакви проблеми сакаме да седнеме и на една фер основа, партнерска основа да постигнеме договор и да го завршиме овој проект. Ние не сме против градење бидејќи сите овие патни делници биле дел од програмите на ВМРО-ДПМНЕ и во минатото, туку сакаме тоа да биде најекономично, најоптимално и најисплатливо за македонските граѓани“, појасни Мицкоски.
Пуста желба на граѓаните и празно ветување на владејачкото мнозинство остана автопатот Кичево – Охрид. Опозицискиот лидер е дециден дека по сите направени анализи од партијата, делницата ќе биде финиширана од идната влада од ВМРО-ДПМНЕ до крајот на 2026 година, до кога вети дека ќе бидат завршени и сите експресни патишта.

- „Видеото „Стани Благоја, да те види сала“ заврши со една наредба која што требаше да биде реалност, а тоа е да автопатот Кичево – Охрид биде завршен во јануари 2024-тата година. Сега сме веќе втора половина на февруари месец, а од автопатот нема ниту „А“. И е невозможно да има крај на тој проект во јануари 2024-та година. зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности ќе заклучите дека тој е некаде 70-тина проценти завршен од тоа што треба да биде 100%. Значи имаме некаде од прилика 30-тина проценти. И ние детално подготвувајќи се за оваа трибина, анализирајќи ја состојбата во која што денеска се наоѓа оваа патна делница истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување кое што ќе биде дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба втората половина или би рекол крајот на 2026-тата година“, вети Мицкоски.
Нов асфалт ќе има и на експресен пат Струмица – Ново село, Велес – Чашка – Прилеп, до Прилеп и преку Градско – Росоман, Ранковце – Крива Паланка и фамозните 2 километри од Скопје до делницата која води до Блаце – автопат кој според опозицијата се гради со години а сигурно нема да биде завршен до крајот на мандатот на оваа влада.
