Македонија очекува укинување на царините кои минатата недела ги наметнаа САД. Премиерот Мицкоски вели дека преговорите се одвиваат во насока земјава да докаже дека има дефицит во трговската размена со САД, а не обратно. Сигурен е дека администрацијата на Трамп ќе се корегира, бидејќи се работи за грешка. Според владините пресметки, САД има поголем извоз овде, отколку увоз од Македонија, што значи дека има суфицит, а тие држави не подлежат на енормно зголемување на царините.
„Работиме со нашите партнери – САД, очекувам многу скоро да се коригира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешна информација, имајќи предвид дека лани нашата трговска размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит. Сега се споредуваат податоците, во контакт сме со амбасадата, со Министерството за економија и со кабинетот на Трамп, така што во периодот што следи очекувам да се излезе од оваа состојба“ – вели Мицкоски.
Според податоците на Државниот завод за статистика, САД се 17-ти трговски партнер на земјава. Размената во 2024-та година изнесувала 290 милиони евра што е за 2% помалку отколку во 2023-та. Притоа сме извезле стоки во вредност од 110 милиони евра, додека увозот изнесувал 181 милион евра. Тоа значи дека според државната статистика, Македонија е во дефицит со САД од 71 милион евра. Премиерот не е загрижен толку поради директните ефекти, туку од индиректните. Големата изложеност кон европската економија ја прави земјава ранлива, ако ЕУ и САД влезат во трговска војна и не ги решат економските проблеми преку преговори.

Не се обидува само Македонија повторно да преговара за трговските врски. Од администрацијата на Трамп потврдуваат дека околу 50 држави директно контактирале со Белата куќа за да започнат трговски преговори по воведувањето на казнени царински тарифи.
Инаку, лидерите на земјите од Европската Унија интензивно работеа викендов смислувајќи соодветен одговор за САД. Европската комисија планира во среда да објави контрамерки на американските царини за увоз на алуминиум и челик од 25 отсто и 20% за останатите увозни стапки од ЕУ. И покрај тоа што сите се сложни дека трговската војна не е во ничиј интерес и може драстично да ја зголеми инфлацијата и да го намали глобалниот економски раст, сепак размислуваат за заштита на европската економија. Франција и Германија инсистираат на жесток одговор и широка лепеза на производи за кои треба да и воведат на САД зголемени царини, додека Италија и Шпанија имаат „помек“ став и бараат преговори. Меѓу другото, ЕУ размислува и да ги оданочи дигиталните услуги на технолошките гиганти како „Епл“, „Амазон“, „Мета“ и „Пејпал“, чии сопственици се инаку едни од главните поддржувачи на Трамп.
