Сакаме да покажеме дека криминалот во Македонија не се исплатува. Премиерот е дециден дека борбата со сивата економија е приоритет на Владата. Тој вели дека оваа тоа е континуиран процес и дека целта е да се воспостави економија со ред, пазар со правила, држава со достоинство. Мицкоски укажа дека сивата економија е изгубен приход за државата и изгубена можност за инвестиции во болници, училишта, повисоки плати и пензии.
„Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој кој работи чесно. Нашата цел е јасна формалата економија да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Затоа работиме на дигитализација на процесите (е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци), намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Сивата економија во Македонија е проценета на нешто под 30%. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е оптимист дека имплементирањето на ревидираниот Акциски план за 2026-2027 ќе ја постигне целта за намалување на неформалната економија на 26% од БДП до крајот на 2027 година. За Димитриеска-Кочоска, проектот електронска фактура, дигитализацијата на УЈП и поврзувањето на системите на разни институции се клучни процеси во борбата со сивата економија.

Спроведувањето на системски и конзистентни решенија е клучно за намалување на неформалната економија. Министерот Бесар Дурмиши наведе дека се прават големи напори во тој правец како мерки преку Оперативниот план за вработување за формализација и отворање нови работни места. Дополнително со Законот за работно ангажирање лица, треба дас се воведе ред на пазарот на труд.
„Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“ – вели Бесар Дурмиши – министер за економија и труд.
Заедничката акција е клучна во борбата со сивата економија. Затоа институциите, бизнисмените, синдикатите и академската заедница потпишаа декларација за партнерство иакција за формализација на неформалната економија.
