Засега нема потреба од ограничување на точењето нафта во пограничните региони и забрана за продажба на керозин. Премиерот Мицкоски вели дека Македонија е енергетски стабилна, горивата се најевтини во регионот, а резервите се доволни. Потрошувачката била зголемена за 30%, но дотурот на нафтени деривати е континуиран преку цевководот што го поврзува солунското пристаниште со „Окта“.
„Во овој момент не гледаме опасност, а исто така и со керозинот што го извезуваме, неколку аеродроми во регионот добиваат керозин. Таков е приштинскиот и некои други. Во овој момент факт број еден е дека граѓаните кај нас користат најевтини горива во регионот и факт број два – имаме доволно количини и сега засега не гледаме никаков предизвик поврзан со недостиг. Доколку се случи таков предизвик, тогаш навремено ќе се препакуваме и ќе спремиме нова стратегија“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Владата ја анализира и ситуацијата со цените во малопродажбата. Мицкоски вели дека профитните маржи на трговците биле околу 15%, а не како што тие тврдат од десетина проценти. Секојдневно се следат цените, особено на зеленчукот, кадешто има чести промени. Една од мерките која владата размислува да ја активира е намалувањето на повластената стапка од 5% на нула.

„Анализата опфаќа следење на моменталните цени на тие производи, какошто се доамтите, краставиците итн. коишто пак, за една недела, двојно ја намалија својата цена. Многу внимателно ги следиме тие производи и во зависност од тоа како ќе се движат, така и ќе реагираме. Ние имаме на располагање можност ДДВ-то од 5% да го направиме 0%“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Премиерот е задоволен од економските показатели. Прометот во индустријата кој забележа раст од 1,6% во февруари споредено со истиот месец лани, за него е солиден имајќи ја предвид глобалната и европската економска состојба. Тој потенцираше дека и покрај предизвиците, Македонија има раст на БДП од 3,5% во последните шест квартали, што е над просекот на Европската Унија од 1%.
