Еднаквост и рамноправност меѓу граѓаните, функционери кои ќе му служат на народот, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, повеќе пари за сите, младите да се вратат дома – вака Христијан Мицкоски ја најави идната реформска влада откако го доби мандатот од претседателката на Македонија.
Гордана Сиљановска Давкова порача дека доверувањето на мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор.
При конституирањето на Собранието, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „за“. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада односно да освои 61 глас за својата програма и за составот на владата што, се разбира, ќе го предложи во следните 20 дена. Затоа, чест ми е денеска и задоволство, со сигурност да верувам дека чекорот што го преземам, доверувањето на мандат за состав на влада на господинот, проф. д-р Христијан Мицкоски е вистински правен и политички чекор“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Набргу од сега ќе биде составена новата влада, реформска влада. Влада која ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните во Македонија да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, сите ние да бидеме еднакви. Перцепцијата за криминалот и корупцијата е огромна, граѓаните имаат револт во себе, се чувствуваат небезбедни. Тоа претставува еден од главните мотиви зошто тие ја напуштаат Македонија, покрај сите овие, би рекол, лоши услови за живот, а тоа е перцепцијата за високото ниво на криминал и корупција и тука не мислам само на политичкиот криминал и корупција иако ние како политичари сме одговорни за тоа. Туку, зборувам за степенот на криминалитет кој што го гледаме низ улиците на нашата Македонија, рече мандатарот.
Силна дипломатија која ќе ги штити интересите на граѓаните ќе биде меѓу промените кои ги вети Мицкоски. За постојаните реакции од Грција но и предупредувањето кое го доби од Мицотакис дека ќе се соочел со непријатности на НАТО Самитот, Мицкоски рече дека не е човек кој лесно се изненадува.
Како претседател на владата сѐ што е поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирака и нормално како лојален граѓанин на оваа држава, што всушност сум го правел и во минатото без исклучок рече Мицкоски.
Во однос на најавата на Мицотакис за „прво непријатно искуство на Самитот на НАТО“, тој додаде:
Тие што ме знаат, знаат дека јас не сум човек кој лесно се изненадува, ниту пријатно ниту непријатно. Немам намера да се однесувам условно кажано талибански и не очекувам некој друг да се однесува на тој начин. Но, добро е да се аргументираат позициите пред Самитот. Не можете да барате да се почитуваат законите и Уставот, а од друга страна вие да ги кршите.
Паралелно додека се формира владиниот кабинет, во собранието тече процедурата за реорганизација на органите на државната управа. Седницата со законските измени е закажана за утре, а веќе од понеделник се очекува да бидат изгласани со двотретинско мнозинство кое според Мицкоски е обезбедено.
