Поддршката за членството во Европската Унија кај македонските граѓани останува висока, но довербата во процесот сè почесто се судира со условувањата и билатералните притисоци. Истражувањето покажува дека 71 отсто од граѓаните ја поддржуваат ЕУ, но истовремено ја отвора и суштинската дилема – дали интеграцијата смее повторно да оди по пат на отстапки без јасни гаранции и извесен крај. Од Владата порачуваат дека проевропската ориентација на граѓаните никогаш не била спорна, но дека проблемот е во начинот на кој се води процесот – со постојани нови условувања и со ризик европскиот пат да се претвори во алатка за билатерални притисоци, пред сè во односите со Бугарија. Според Владата, поддршката за ЕУ не значи и автоматска согласност за уставни измени без гаранции дека процесот ќе има јасна завршница и дека нема повторно да се отвораат идентитетски прашања.
Во тој контекст, премиерот Христијан Мицкоски порачува дека европските принципи и меѓународното право мора да важат еднакво за сите држави, а не селективно и само кога станува збор за Македонија.
„Не може секогаш само за нас да важи принципот pacta sunt servanda. Ако ние менуваме Устав за одредена група да биде конститутивен елемент, тогаш барем Македонците во тие држави треба да имаат елементарни човекови права – да можат да се здружуваат и да формираат невладини организации. Толку е едноставно.“ – вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата.

Од Владата нагласуваат дека Македонија не бара ништо повеќе од европски и цивилизациски стандарди, потенцирајќи дека македонскиот народ не е закана за никого, туку мирољубив и подготвен за дијалог и добрососедство. Пораката е дека европската интеграција останува стратешка цел, но не по цена на нови понижувања и без јасен реципроцитет.
Од опозицијата, пак, сосема поинаква интерпретација на состојбите. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со остри критики кон Владата, обвинува дека актуелната власт намерно ги влошува односите со соседите.
Се знае што е на масата. На масата има конкретен предлог и оваа Влада мора да знае треба да престане да ги лаже граѓаните. Ветува измена на преговарачката рамка, не е возможна да се случи. Ги плашат граѓаните дека имаме некаков ризик од загрозување на нашите национални идентитетски прашања во рамките на преговорите. Тоа не е точно. Стигнува демант од Бугарија. Треба да се направат уставните измени да се отворат поглавјата, да почнат вистински реформите, затоа што се друго е целосно маргинализирање на оваа земја. Ние останавме во овој момент, сме на маргините на Европа. – вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Мицкоски и денеска по повтори цврстиот став дека уставни измени нема да има ако не се исполнат два клучни услови – Македонците во Бугарија да ги добијат своите загарантирани права, согласно меѓународното право и конвенциите за човекови права и гаранции дека Македонија нема да се соочува со нови блокади и опструкции од субјективни причини.
