Матеа Карпузевска од средното училиште „Георги Димитров“, под менторство на професорот Ристо Чулев, го освои првото место на Филозофскиот фестивал за средношколци „Агора“, што се одржа на 24 ноември во ПСУ „Алгоритам“ во Скопје.
На фестивалот 16 средношколци ги презентираа своите есеи на тема „Вештачка интелигенција во образованието“.
Второто место го освои Ана Спирковска од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, под менторство на професорот Горан Бизимоски, а третото место му припадна на Лука Меновски од ПСУ „Алгоритам“, под менторство на професорката Магдалена Стојмановиќ – Константинов.
Трите најдобри есеи беа наградени со книги од книжарницата „Три“, а ги избра петчлена комисија во состав Наде Молеровиќ, Горјан Петревски, Слободан Танасковски, Елизабета Дамјановска – Спасеновска и Анде Јанков.
Според Молеровиќ, секој есеј имал своја убавина и во секој од нив се препознавала оригиналноста на младите автори.
Дамјановска – Спасеновска истакнала дека би ги наградила сите есеи, додавајќи дека комисијата имала тешка задача да ги избере трите најдобри.
На фестивалот учествуваа ученици од средните училишта „Васил Антевски Дрен“, ПСУ „Алгоритам“, „Георги Димитров“, Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, Математичко-информатичката гимназија и гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола.
Учесниците ги претставуваа своите училишта со есеи посветени на улогата и влијанието на вештачката интелигенција во образованието.

