Нови закони до крајот на декември, па веќе од следната година младите брачни парови до 35 години да можат да аплицираат за купување стан за 20 отсто поевтино од просекот, или да не платат комуналии за градба на куќа. Владата забрзано работи законските решенија што побрзо да станат оперативни оти интересот за нив е веќе голем. Премиерот Мицкоски нагласува дека надлежните се мобилизирани, а веќе и градоначалниците подготвувале локации за понуда до градежниците:
- „Голем дел од градоначалниците ми се јавуваат со идеи дека имаат неколку хектари земја, сакаат да ја урбанизираат, парцелизираат, да ја понудат по 1 евро, што е добро. Јас сум убеден дека овие два закони и овие две мерки ќе вродат со плод и ќе се олесни домувањето кај овој профил на брачни парови“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласува дека целиот процес ќе биде максимално транспарентен. Во соработка со катастарот ќе се објавуваат сите детали за цените, за да нема каква било можност за манипулирање:
- „Очекувам многу скоро од денеска да ја добија оваа анализа и ќе можеме јавно да објавиме каква е состојбата со катастарските општини онаму каде што има продадено нова градба на станбени единици и од тоа ќе може граѓнаните потоа, односно тие што ќе ги исполнуваат условите да си прават калкулации, планови..“ рече Мицкоски.
Се разгледува и опцијата мерката да важи и доколку еден од сопружниците е до 35 години возраст. Математиките покажуваат дека за купување на стан од 60 квадрати во Скопје, со мерките би платиле и до 26 илјади евра помалку. Колку поголем стан се купува, толку е поголема заштедата. Во однос на изградбата на куќа, пак, делот кој треба да се издвои за комуналии варира од општина до општина.

