Либерално-демократската партија (ЛДП), во соработка со Европскиот Либерален Форум (ЕЛФ), Алијансата на либерали и демократи на Европа (АЛДЕ) и Мрежата на либерали во Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН), денеска и утре во Скопје ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Quo Vadis Europa 2026“, посветена на иднината на европското проширување и етапната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Како што информираат од ЛДП, конференцијата ќе собере пратеници, европратеници, политички лидери, истражувачи и експерти од повеќе европски држави, со цел да се отворат конкретни прашања за забрзување на европската интеграција и приближување на придобивките од членството до граѓаните уште пред формалното пристапување.
Првиот ден ќе го отвори претседателката на ЛДП и ЛИБСЕЕН, пратеничката Моника Зајкова, заедно со Балинт Ѓеваи од ЕЛФ. Во рамки на панелот ќе се одржи и презентација на резултатите од истражувањето на ЕЛФ и ЛИБСЕЕН – „Подготвеност наспроти прагматизам“, предводено од потпретседателот на Либералната Интернационала, Емил Кирјас, како водечки истражувач и висок политички консултант на проектот. Кирјас ќе ги презентира наодите за ставовите на регионалните либерални лидери во однос на пакетот на Европската комисија, етапната интеграција и реформите со конкретни временски рокови.
Ќе се дискутира и за конкретните можности за рано вклучување во SEPA, „Roam Like at Home“/„Роаминг како дома“, европските транспортни и енергетски мрежи, како и европските одбранбени инструменти, со учество на претставници од нашата држава, Косово, Црна Гора, Хрватска, Унгарија и Европската Унија.
Вториот ден ќе биде посветен на владеењето на правото, институционалните гаранции и финансиската подготвеност за проширувањето. Меѓу учесниците ќе бидат секретарот за меѓународна соработка на ЛДП, Емир Ќориќ, пратеничката Маријана Пуљак од Хрватска, поранешниот црногорски министер за надворешни работи Миодраг Влаховиќ, српската пратеничка Андреа Беседес и Дејвид Чалмерс од Обединетото Кралство.
Завршниот дел на коференцијата, како што посочуваат од ЛДП, ќе биде посветен на усвојувањето на Скопската либерална декларација 2026, која ќе ги содржи регионалните либерални предлози за иднината на европската интеграција и ќе биде доставена до Европскиот совет во декември. Обраќања ќе имаат европратеничката Ирена Јовева и потпретседателот на АЛДЕ, Малик Азмани преку видеообраќања, како и претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
-За ЛДП, европската интеграција не смее да биде бесконечно ветување и процес без рокови. Потребен е прагматичен и праведен пристап во кој реформите ќе се вреднуваат, а граѓаните ќе ги почувствуваат конкретните придобивки од Европа уште пред полноправното членство. Скопје треба да биде место од кое ќе се испрати јасна порака: Западен Балкан не бара кратенки до Европа, туку фер можност, јасни правила и конкретни придобивки за граѓаните. Европа мора да почне уште денес – наведуваат од ЛДП во најавата за настанот.

